Заменик-министерот за екологија вели дека најголем предизвик во ваква ситуација ќе биде наводнувањето на земјоделските површини
Иако повеќето акумулации се соочуваат со недостиг на вода, засега нема потреба од рестрикции, вели заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули. Ова, според него, ќе биде сериозен предизвик во иднина, особено за наводнување на земјоделските површини.
„За жал, оваа зима немавме снег, повеќето акумулации се празни. Исклучително предизвикувачки ќе биде водоснабдувањето на земјоделските површини во одредени делови. Знам дека во Стрежево ситуацијата е исто така критична, но се прават напори. Годинава нема потреба од рестрикции“,
изјави Макрадули.
Според него, потребно е една институција да се грижи само за водите бидејќи, како што вели, во моментот има многу повеќе одговорни институции кои само си ја префрлуваат вината.
Претходно, за ова алармираше и дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој по посета на Тиквешкото Езеро и Стрежево изјави дека состојбата е алармантна и дека производната земјоделска сезона е доведена во прашање.