Учеството на овој саем, како што посочуваат од Владата, за домашната економија ќе значи обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани и пазари за македонските храна и вина, а истовремено ќе се обезбеди ефективна промоција на туристичките капацитети на Северна Македонија и привлекување нови туристи, пред сè од регионот, но и пошироко
Македонските вина, храна и туризам ќе бидат промовирани од 1 до 4 септември во Белград, каде што ќе се одржи првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, под покровителство на владите на Србија, Северна Македонија и Албанија, во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.
Учеството на овој саем, како што посочуваат од Владата, за домашната економија ќе значи обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани и пазари за македонските храна и вина, а истовремено, ќе се обезбеди ефективна промоција на туристичките капацитети на Северна Македонија и привлекување нови туристи, пред сè од регионот, но и пошироко.
„Македонската туристичка понуда на саемот за вино, храна и туризам во Белград е претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и е фокусирана на македонскиот еногастро туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналинскиот туризам“,
велат од владата, додавајќи дека учеството на Саемот е промоција и на културолошките и идентитетските обележја, традиции и обичаи.
Целта на овој саем, како што додаваат од Владата, меѓу другото, е и на уникатен начин да се поврзат винските патишта на Балканот и да се соберат најдобрите винарници од регионот на едно место, низ соработка.
„’Винска визија на Отворен Балкан’ ќе понуди богата програма која вклучува дегустации на вино, натпревар ‘Трофеј на виното на Отворен Балкан 2022 година’, едукативни еснафски работилници, дискусии за потенцијалот на винската индустрија на Балканот, можности за зголемено учество на светските пазари, како и средби меѓу претставници на производителите и откупувачите со цел проширување на економските потенцијали за компаниите и за економиите од регионот“,
посочуваат од владата.
На Саемот во Белград ќе се претстават повеќе од 330 изложувачи од 22 земји од кои 233 се од земјите членки на Отворен Балкан. Од земјава, учество ќе земат 42 винарници и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии, а целосната координација во овој дел од претставувањето ја реализира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. На Саемот ќе се претстават и повеќе од 10 производители на храна од Северна Македонија кои ќе ја претстават автентичната македонска кујна.
Во исто време ќе се одржи и традиционалниот лидерски политички самит на „Отворен Балкан“ предводен од претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Албанија, Еди Рама.
„Во рамките на агендата од активностите во Белград, премиерот Ковачевски ќе биде домаќин на промотивен настан од економски карактер односно ‘Македонска вечер’ посветен на промоција на македонската економија преку презентација на македонските вина, храна, музика и туризам. На ‘Македонската вечер’ ќе присуствуваат претставници на бизнис-заедниците и владите од Србија, Албанија и Северна Македонија кои ќе бидат присутни на Саемот во Белград“,
информираат од владата.
Северна Македонија на Саемот за вино, храна и туризам на Отворен Балкан во Белград ќе се претстави со слоганот „Вкуси го животот” фокусирано на регионална, глобална, но и домашна промоција на туристичките, гастрономски и винските капацитети на Северна Македонија.