За учеството во хуманитарната операција во Турција и пожртвуваноста министерката рече дека е одлучено припадниците да бидат наградени со дополнителна исплата од една просечна плата

Македонскиот армиски тим кој учествуваше во хуманитарната операција во Турција и беа дел од извлекувањето на петгодишниот Сулејман од под урнатините во градот Кахраманмараш во Турција денеска беше пречекан од претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и турскиот амбасадор во земјава Хасан Мехмет Секизќок.
Министерката Петровска рече дека во координација со претседателот Стево Пендаровски и началникот на Генералштабот одлучиле дека треба да ги испратат најдобрите, најобучените и најподготвените војници за справување со една ваква комплицирана и тешка задача – извлекување и спасување на она што можеше да се спаси од земјотресите во Турција.
„Кога светот и ние се соочивме со резултатите од тоа што се случи во Турција – двата страшни земјотреси, немавме сомнеж ниту трошка двоумење дека треба да одговориме на повикот за помош и поддршка, затоа што Република Турција е нашата пријателска земја со која изминатите години соработувавме и секогаш ја имавме нивната поддршка. Нашите молитви се со турскиот народ, ќе продолжиме и понатаму да помагаме“,
рече Петровска заблагодарувајќи им се на војниците за пожртвуваноста и што со спасувањето на младиот Сулејман му дадовте шанса да прерасне во успешен млад човек.
За учеството во хуманитарната операција во Турција и пожртвуваноста министерката рече дека е одлучено припадниците да бидат наградени со дополнителна исплата од една просечна плата.
Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на церемонијата напомена дека според информациите добиени од НАТО, нашата Армија беше во првите пет кои пристигнаа на лице место, практично 24 часа после земјотресот.
„Вашиот ангажман на лице место беше во рамки на најпрофесионалните достигнувања што може да ги очекува еден врховен командант, еден началник на Генералштаб, министер. Вашето постигнување таму, вашето залагање без одмор 24/7, сите вие вклучително и службените кучиња, беше нешто што само може да се посака секогаш кога вежбате, кога тренирате, кога се подготвувате за лошо и за добро и во тој дел не постои ниту една замерка, ниту од локалното население, ниту од луѓето од турската Армија. Нашите мисли се со оние кои ги изгубија најмилите“,
рече Пендаровски.
Турскиот амбасадор во Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок за време на пречекот се заблагодари за помошта и напомена дека земјава со претседателот, Владата, но и со сите релевантни институции, ги мобилизираа сите свои можности за испраќање помош до регионот погоден од земјотресот.
Припадниците на армискиот тим, по сознанијата дека се слушнати гласови под урнатините, по шестчасовно расчистување на местото слушнале детски глас, по што заедно со турскиот тим за пребарување и по четиричасовното максимално ангажирање успеале да го извлечат петгодишниот Сулејман од под урнатините.
Припадниците на Армијата на Северна Македонија во погодените региони во Турција помагаа во спасувачките акции по разорниот земјотрес што го погоди југоистокот на земјата пред две недели.
Како што беше објавено и од Министерството за одбрана во Турција беа испратени припадници на Баталјонот за специјални сили, но и две кучиња обучени за трагање и двајца водачи.