„Македонски телеком“ од денеска ја пушти во употреба првата комерцијална 5Г-мрежа во Северна Македонија, која засега покрива 16 града. Цело Скопје и околината треба да добијат 5Г-мрежа заклучно со мај. До крајот на октомври годинава 26 града ќе добијат 5Г-покриеност
Четириесет и пет милиони евра – толку чини вкупното модернизирање на мрежата на „Македонски телеком“, со што ќе се овозможи земјава да добие покриеност со 5Г-мрежа. Зделката ја добила шведската компанија „Ериксон“, соопшти денеска врвот на „Македонски телеком“ при пуштањето во употреба на, како што ја нарекоа, првата комерцијална 5Г-мрежа.
Договорот со шведската фирма бил потпишан во 2021 година и следува откако Северна Македонија и САД потпишаа меморандум за разбирање за безбедност во 5Г-технологии. Во октомври 2020 потпис на документот ставија тогашниот премиер Зоран Заев и потсекретарот за економски раст, енергија и животна средина на Соединетите Американски Држави, Кит Крач.
Со тој договор земјава се обврза дека нема да користи 5Г-технологија од „непроверени и некридиблни“ производители. Со други зборови, со овој меморандум во Северна Македонија се оневозможи инсталирање чувствителна телекомуникациска опрема која може однадвор да биде злоупотребена за собирање податоци од македонските граѓани.
„360 степени“ опсежно ја истражуваше оваа тема и во септември 2020 година дојде до сознанија дека најголемиот телекомуникациски играч во земјава – „Македонски телеком“, е во процес на набавка на нова опрема, меѓу другото, и за 5Г-мрежа и дека на тендерската постапка прворангиран бил токму кинески „Хуавеј“. Тогаш државата, која има 35 отсто од акциите во „Македонски телеком“, преку своите претставници во бордот, го отворила прашањето за можниот влез на „Хуавеј“ во идната 5Г-мрежа. Рачната кочница за влез на „Хуавеј“ со 5Г-технологија во земјава беше дигната.
Неколку месеци по потпишувањето на меморандумот меѓу Вашингтон и Скопје, со кој земјава изрази подготвеност дека ќе дозволи пристап исклучиво на „чисти“ и доверливи производители на 5Г-мрежи, поминаа и измените на Законот за електронски комуникации со кои договореното во заедничкиот американско-македонски документ стана и законски обврзувачко.
Прашањето за „чисти и доверливи“ производители на 5Г-мрежи почна откако администрацијата на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, препозна опасност од шпионирање од кинеските технолошки компании кои се глобални лидери во производство на 5Г-мрежи. Американската дипломатија, која потпиша меморандуми со низа клучни членки на НАТО и на Европската Унија, со кои де факто им се забранува на гигантите како „Хуавеј“ и ЗТЕ да инсталираат своја опрема во овие земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија како најнова членка на НАТО.
„Пред три години ги почнавме првите подготовки за технологијата на петтата генерација, а денес ја имаме првата комерцијална 5Г-мрежа. Изминатите години се подготвувавме, инвестиравме, тестиравме, градевме и зборувавме за иднината, сега можеме да кажеме дека 5Г е тука. Го исполнивме еден од најважните предуслови за четвртата индустриска револуција, а со добивањето на новите 5Г-радиофреквенции, оваа технологија ќе го достигне својот вистински потенцијал, а нашите корисници ќе ги добијат брзините кон кои целиме“,
изјави на денешната презентација извршниот директор на „Македонски телеком“, Никола Љушев.