Телото на починатата девојка е пренесено на обдукција, по што ќе бидат утврдени точните причини за смртта и околностите под кои се случила трагедијата

Дваесет и четиригодишна девојка, државјанка на Република Северна Македонија, вчера била пронајдена мртва во стан во Солун. Според информациите на дописничката на МИА од Атина, првичните индиции покажуваат дека веројатно не станува збор за кривично дело, но властите ги чекаат официјалните резултати од обдукцијата.
Грчкиот медиум „То Вима“ пренесува дека алармот бил кренат откако членови на семејството на девојката не можеле да стапат во контакт со неа. Поради ова, нејзино блиско лице се качило на вториот кат од зградата и влегло во станот преку балконската врата, каде што ја пронашло 24-годишната девојка без знаци на живот.
На местото на настанот веднаш бил повикан лекар од судска медицина. При првичниот надворешен преглед на телото, тој не забележал никакви траги или повреди што би укажувале на кривично дело.
Телото на починатата девојка е пренесено на обдукција, по што ќе бидат утврдени точните причини за смртта и околностите под кои се случила трагедијата.
