Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Македонија денеска беше отворена изложбата „Македонија памети. Никогаш да не се заборави!“ по повод 80-годишнината од депортацијата на Евреите од Македонија. Изложбата ја подготви Државниот архив на Република Северна Македонија во соработка со Институтот за национална историја – Скопје.

На отворањето на поставката присуствуваа претствници од академската заедница, верските заедници, дипломатскиот кор, Владата и други гости.

Изложбата се состои од 19 изложбени паноа на кои се претставени повеќе од 200 документи и фотографии, најголем дел од архивските фондови на Државниот архив, а поврзани со периоди од животот и функционирањето на Евреите во нашата држава.
