Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски вели дека изборот во ЕКОСОК за мандатниот период 2027-2029 г. претставува уште еден значаен чекор во зајакнувањето на присуството на државата во мултилатералните процеси, по членството во Советот за човекови права на Обединетите нации и Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје
За изборот на Македонија во ЕКОСОК, преку објава на Фејсбук, информира и премиерот Христијан Мицкоски наведувајќи дека тоа е потврда дека државата може да постигнува резултати кога работи плански, сериозно и со јасна и дипломатска цел
Република Северна Македонија денеска е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) за мандатниот период 2027–2029 година, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна политика, притоа оценувајќи го изборот како историски успех за македонската дипломатија.

Како што соопштија од ресорното министерство, на гласањето што се одржало во седиштето на Обединетите нации во Њујорк кандидатурата на Република Северна Македонија ја добила поддршката од 174 држави членки на светската организација.
Оттаму велат дека станува збор за историски успех на македонската дипломатија бидејќи првпат од независноста државата ќе биде членка на едно од главните тела на системот на Обединетите нации (ОН).
Ова во видео на својот официјален фејсбук-профил го посочува и шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, кој вели дека денешниот избор на Македонија во ЕКОСОК е уште една потврда за кредибилитетот и активната улога на државата во мултилатералната дипломатија.
„Ова е успех на македонската дипломатија. Успех на посветеност, на доверба и на работа која често се одвива далеку од очите на јавноста, но носи конкретни резултати. Ова е дипломатски успех кој не се мери само со изборот, туку и со довербата што стои зад него“,
вели Муцунски.
Министерот посочува дека изборот во ЕКОСОК претставува уште еден значаен чекор во зајакнувањето на присуството на државата во мултилатералните процеси, по членството во Советот за човекови права на Обединетите нации и Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје.
Членството во ЕКОСОК, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, ќе овозможи поактивно учество на државата во глобалните дебати и процеси поврзани со економскиот и социјалниот развој, одржливиот развој, хуманитарните прашања и човековите права, како и дополнително зајакнување на нејзината меѓународна видливост и кредибилитет.
„Нашата цел е Македонија да биде држава која не стои на маргините, туку активно учествува, гради партнерства и придонесува во решавањето на прашањата што се важни за граѓаните и за меѓународната заедница. Овој успех е резултат на работа, доверба и одговорен пристап. Продолжуваме да ја зајакнуваме позицијата на Македонија, да создаваме нови можности и да покажеме дека со сериозна работа нашата држава може да биде почитуван и активен дел од глобалните процеси“,
пишува Мицкоски во објавата.
Економскиот и социјалниот совет е еден од шесте главни органи на Обединетите нации и има централна улога во координацијата на економските, социјалните и развојните политики во рамките на системот на ОН, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
