Ова е првпат од 2015 година земја-членка и земја-кандидат заедно да копретседаваат со Берлинскиот процес
Во Скопје денеска ќе се одржи Состанок на министри за надворешни работи, со кој ќе се означи почетокот на заедничкото претседателство со Берлинскиот процес на Северна Македонија и Бугарија за 2020 година.
Освен шефовите на дипломатии на земјите кои учествуваат во Берлинскиот процес од Европската Унија и Западниот Балкан, на состанокот ќе земат учество претставници на институциите на ЕУ и Советот за регионална соработка.
Меѓу министрите за надворешни работи кои ќе учествуваат на Состанокот ќе бидат на Албанија Гент Цакај, на Бугарија Екатерина Захариева, црногорскиот министер Срѓан Дармановиќ, на Србија Ивица Дачиќ, на Германија Хајко Мас, италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо…
Состанокот, како што соопшти МНР, ќе го отворат шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева и шефот на германската дипломатија Хајко Мас.
Ова е првпат од 2015 година земја-членка и земја-кандидат заедно да копретседаваат со Берлинскиот процес. Заедничкото претседателство на Бугарија и Северна Македонија е силен сигнал за регионално сопствеништво и можност за претставување на важни регионални теми во поширок европски контекст.
За време на состанокот ќе биде најавена приоритетната агенда на Заедничкото претседателство која цели кон зајакната интеграција и поврзуваење меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан на политички, правен и социо-економски план. Ќе се дискутираат теми поврзани со регионалната соработка и европските перспективи на регионот во контекст на мартовскиот Европски совет и Самитот во Загреб. По Состанокот се очекува да биде усвоена заедничка декларација.
Во рамки на заедничкото претседателство, од 8 до 10 март во Скопје се одржува и ТинкТенк Форум организиран од страна на Институтот за Демократија Социетас Цивилис – Скопје во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ECFR), од Софија.