Министерот за одбрана од Анкара нагласи дека Самитот на НАТО испрати моќна порака за солидарност и ја истакна потребата од унапредување на заедничката одбранбена и безбедносна политика на европските земји
Македонија добила големи пофалби од многубројни држави како земја која, и покрај својата големина во споредба со другите членки, дава исклучително значаен придонес во процесите на Алијансата, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски на заедничката прес-конференција во Анкара која ја одржа заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Мисајловски рече и оти претседателката на државата, која ја предводи македонската делегација, имала одличен прием и достоинствено ја претставила земјата, додека пак за разговорите кои биле одржани кажа оти една од клучните теми на Самитот била и обврската за зголемено финансирање на одбраната. Во тој контекст, министерот информира дека Македонија веќе одвојува околу четири проценти од бруто-домашниот производ (БДП) за одбрана и сродни трошоци, со што државата активно придонесува кон заедничката цел на НАТО за достигнување на прагот од пет проценти до 2035 година.
„Многу е важна пораката што ја имаме од сите европски земји дека имаме заедничката безбедносна и одбранбена политика и дека треба да припаднеме таму, тоа е одлична порака која заеднички треба да ја споделуваме и го правиме тоа и затоа ако во рамките на НАТО сме семејство на исто ниво, тоа треба да важи и за Европската Унија“,
кажа тој.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски рече оти присуствувал на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од НАТО и потписничките на Истанбулската конвенција и дека остварил средби со претставници од земјите од Арапскиот Залив во чиј фокус биле состојбите поврзани со конфликтот со Иран, но и севкупната политичка, безбедносна и економско-социјална слика во Европа и во светот.
Шефот на македонската дипломатија учествувал и на проширениот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од НАТО и Украина, на кој присуствувала и високата претставничка на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика. Средба имал и со холандскиот министер за надворешни работи Том Берендсен.
„Во фокусот на таа средба беа билатералните односи помеѓу двете држави, нашата соработка во рамките на НАТО Алијансата, зборувавме секако и прашања поврзани со европската интеграција, за Холандија која што е земја која што својот фокус го става на прашањата поврзани со внатрешните реформи…исто така издвоивме време да зборуваме и за некои инвестициски проекти за кои веќе двете држави дискутираат. Се надеваме дека во скорешен период ќе можеме да ги претставиме и пред јавноста“,
рече Муцунски.
