Се подготвував да излезам и одеднаш се слушна силен звук и тресење на зградата, слично на земјотрес, раскажува за Факултети.мк Македонецот Душко Ристовски кој живее во Бејрут.
„Ги зедов децата и ги одвлеков да застанеме под вратата, каде што сметав дека е најбезбедно. Во тој момент само силно ги гушнав. Не знаев што друго да направам“,
емотивно сведочи Ристовски за ужасната експлозија што се случи во главниот град Либан, Бејрут, во која загинаа над 100 лица, а околу 4 000 се повредени.
Тој во разговор за порталот емотивно раскажува за трагедија што го снајде Бејрут и додава дека непосредно пред експлозијата требало да излезе од дома, но за среќа задоцнил.
„Надвор беше хаос. На сите страни на улиците имаше стакло. Немаше прозорец од зградите што не беше искршен. Многу автомобили беа уништени. Се слушаа пискотници. Исплашени погледи насекаде. Луѓето беа растрчани и во паника. Никој не знаеше што се случува. Некои велеа дека е бомба и дека експлозијата се случила во близина“,
вели Ристовски кој додава дека живее на само два километри од пристаништето кадешто се случи несреќата.
Тој вели дека ова не му е прва експлозија што ја слушнал во Бејрут, но бил најсилниот потрес што го почувствувал.