Претседателот на Либан, Мишел Аун итно свика состанок на Врховниот одбранбен совет по големата експлозија што денеска го потресе главниот град Бејрут. Премиерот Хасан Диаб пак, најави дека утре ќе биде ден на национална жалост поради големиот број на жртви. Како што објави Си-ен-ен досега бројката на загинати се искачи на 50. Сè уште не е познат точниот број на повредени, бидејќи голем број на луѓе се под урнатините.
Најмалку десет пожарникари се водат за исчезнати, претходно изјави гувернерот на градот Марван Абуд и додаде дека сцената го потсетила на Хирошима и Нагасаки.
„Ова е национална катастрофа“, додаде тој низ солзи.
Според либанската телевизија ЛБЦИ, хоспитализирани се над 500 луѓе, а десетици лица ќе бидат оперирани. Медимите јавија дека некои од болниците не се во состојба да примат повеќе пациенти.
Експлозијата предизвика уривање на терасите на зградите, кршење на прозорците и друга материјална штета, како и огромен облак од прашина и чад.
Според либанската државна новинска агенција ННА, експлозијата се случила во градското пристаниште, каде се сместени магацини со експлозив. Според неименувани безбедносни извори експлозијата се случила во магацин за хемиски супстанци.
Во меѓувреме, францускиот шеф на дипломатијата Жан-Ив ле Дријан на твитер напиша дека „Франција секогаш е на страната на Либан и на либанскиот народ“.
Тој истакна дека Франција е подготвена да пружи помош во зависност од потребите на либанските власти.
Исто така и Грција и Кипар понудија помош доколку е потребно и изразија жалење и сочувство до Владата на Либан.
Министерството за надворешни работи на Грција соопшти дека земјата „е подготвена да им помогне на либанските власти со сите средства што ги има на располагање“, додека пак претседателот на Кипар – Никос Анастасиадис преку официјалниот твитер профил изрази подготвеност за каква било неопходна помош.
И иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф понуди помош за Либан.
„Нашите мисли и молитви се со големиот и силен народ на Либан“, напиша Зариф, додавајќи дека Иран „како и секогаш во целост е подготвен да ја пружи целата неопходната помош“.