Нашата обврска е македонскиот јазик да добие вистинска, жива и достоинствена институционална заштита. Почитта кон македонскиот јазик не се докажува со декларации, туку со институции што функционираат, со закони што се применуваат и со држава што доследно ги исполнува своите обврски, вели Љутков
Воспоставувањето на Инспекторатот за македонски јазик и вработувањето инспектори во институцијата, формирањето Совет за македонски јазик и подготовката на Националната стратегија за македонскиот јазик, не значат нефункционалност, туку успех, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков на надзорната расправа „Нефункционална и недоследна примена на одредбите од Законот за употребата на македонскиот јазик“, што се одржува во Собранието на седница на Комисијата за култура.
Тој ги негираше критиките дека министерството не е заинтересирано за македонскиот јазик и посочи дека спроведувањето на Законот е обврска на сите институции и дека неговата доследна примена не смее да биде предмет на дневнополитички пресметки.
„Нема да прифатам ниту едно политичко лицемерие од оние кои со години не изградиле функционален систем денес да се претставуваат како единствени чувари на стандардот што самите не го заштитиле. Македонскиот јазик заслужува единствен национален пристап. Функционалноста и недоследната примена на Законот за употреба на македонскиот јазик не е проблем што ни паднал од небо, туку е последица на долгогодишно неодговорно управување, институционална летаргија и политичка неискреност“,
рече Љутков.

Љутков информира и дека Владата ги задолжила институциите да ги почитуваат законските обврски во однос на ангажирањето лектори, додека податоците што се прибираат, како што рече, ќе бидат основа за креирање на Националната стратегија за македонскиот јазик.
„Нашата обврска е македонскиот јазик да добие вистинска, жива и достоинствена институционална заштита. Почитта кон македонскиот јазик не се докажува со декларации, туку со институции што функционираат, со закони што се применуваат и со држава што доследно ги исполнува своите обврски“,
додаде Љутков.
На расправата се обрати и поранешната министерка за култура и пратеничка на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која обвини дека Законот не се спроведува.

Таа кажа дека со примената на Законот требало да се зголеми интересот за студирање македонски јазик, да се вработат лектори во институциите, издавачките куќи и во медиумите, како и да се зајакне функционирањето на Инспекторатот за македонски јазик. Но, според неа, состојбата е загрижувачка затоа што и по повеќе од една година од донесувањето на Законот нема суштински напредок во неговата примена.
„Зошто ја поднесовме оваа иницијатива за надзорна расправа? Затоа што можам да ви ги прочитам сите членови по однос на кои не се постапува, меѓутоа тоа значи дека треба да ви го прочитам целиот Закон. Освен именуваната директорка на 9 април 2025 година, една година и два месеци после донесување на Законот, ништо друго по однос на овој Закон не функционира. Видовме два инспектори коишто се вработени пред половина месец во самото Министерство за култура, што треба допрва да поминат една цела година во однос на нивната подготовка за да можат да прават надзор“,
кажа Костадиновска-Стојчевска.
Меѓу присутните на расправата се и директорката на Инспекторатот за македонски јазик, Менче Андреева, поранешната претседателка на Советот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, претседателката на Здружението на лекторите на Македонија, Елизабета Бандиловска, директорот на НУ „Национален конзерваторски центар” и експерт за заштита на македонскиот јазик Александар Јорданоски, како и деканката на Филолошкиот факултет „Гоце Делчев“ – Штип, Луси Караниколова-Чочоровска.

Како се спроведува Законот за употреба на македонскиот јазик анализираше и „360 степени“ преку мини истражување кое покажа дека на прсти се бројат институциите кои имаат вработени лектори, иако Законот за употреба на македонскиот јазик е во сила од 2024 година. Владата, на пример, има вработено еден лектор, но во соопштенијата на официјалната веб-страница се забележуваат јазични грешки. Нашата проверка „улови“ грешки и во објавите на опозициската СДСМ, како и во судските пресуди.
За неупотреба на македонскиот стандарден јазик на јавни настани платени од Буџетот, објавување нелекторирани текстови, емитување програма со нелекторирано титлување или синхронизација, објава на нелекториран рекламен материјал, предвидени се казни до 3 000 евра. Но нема кој да ги изрече бидејќи сè уште не функционира ниту Инспекторатот за македонски јазик.
