Со договорот од 1967 година беше забрането распоредување оружје за масовно уништување во орбитата. Оттогаш, клучните сили, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина, истражуваат други можности надвор од опсегот на тој договор, како што е таргетирањето на сателитите на ривалите, кои се од клучно значење за воените комуникации, надзорот и навигацијата
Вселенските сили на САД, најновиот огранок на американската војска во последните повеќе од 70 години се формирани во 2019 година како начин за заштита на американските капацитети во вселената, вклучително и стотици сателити што се користат за комуникација и надзор
Соединетите Американски Држави (САД) за првпат потврдија дека распоредиле вселенско оружје во Земјината орбита. Со тоа, Вашингтон официјално призна дека има офанзивни капацитети во вселената, пишува Би-би-си.

Секретарот на американските воздухопловни сили, Трој Меинк, изјави дека оружјето лоцирано во орбитата е неопходно за заштита на американските сили од непријателски дејства.
Говорејќи на Конференцијата за воздух, вселена и сајбер-простор, тој посочи дека САД се подготвени за „закани што еволуираат“, но не даде детали за можностите на оружјето ниту за тоа кога е поставено во орбитата.
Високи воени претставници претходно изјавија дека планираат да ги зајакнат воените капацитети во вселената, наведувајќи ги руските и кинеските програми за развој на начини за напад и онеспособување на американските сателити во евентуален иден конфликт.
Администрацијата на Трамп изјави дека вселенските капацитети, како и пресретнувачките ракети, се клучен дел од планираниот одбранбен систем „Златна купола“ (Golden Dome), наменет за заштита на САД од ракети и други закани од воздухот.
Со договорот од 1967 година беше забрането распоредување оружје за масовно уништување во орбитата. Оттогаш, клучните сили, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина, истражуваат други можности надвор од опсегот на тој договор, како што е таргетирањето на сателитите на ривалите, кои се од клучно значење за воените комуникации, надзорот и навигацијата.
Минатата година, претседателот Доналд Трамп издаде извршна наредба со која се истакнува улогата на Американските вселенски сили , не само во одбраната на сопствените капацитети, туку и како офанзивна сила.
Вселенските сили на САД, најновиот огранок на американската војска во последните повеќе од 70 години се формирани во 2019 година како начин за заштита на американските капацитети во вселената, вклучително и стотици сателити што се користат за комуникација и надзор.
Портпарол на Вселенските сили на САД изјави дека контролата на вселената ги опфаќа мисиските области неопходни за оспорување и контрола на вселенскиот домен, преку употреба на кинетички и некинетички средства за влијание врз способностите на противникот преку попречување, деградирање, па дури и уништување, доколку е потребно. Овие способности можат да се користат за офанзивни и дефанзивни цели, по налог на борбените команди.
На почетокот на февруари беше обелоденето дека два руски сателита веројатно пресретнале комуникации на најмалку десетина европски сателити по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Таквите пресретнувања можеби им овозможиле на руските разузнавачки служби да ги читаат чувствителните податоци што тие ги пренесуваат или, хипотетички, дури и да преземат контрола врз сателитите.
Во 2024 година, САД соопштија дека Русија лансирала сателит за кој се верува дека можеби е способен да напаѓа други такви летала. Русија јавно не го коментираше ова прашање.
Вселенските сили на САД наведуваат дека Кина „развива и управува со вселенски и противвселенски капацитети како дел од стратегијата за воена модернизација“, додека Русија „ја гледа вселената како домен за водење војна и смета дека вселенската надмоќ ќе биде одлучувачки фактор во идните конфликти“.
