Освен повратници од странство, Спасовски информира дека во државен карантин досега биле префрлени најмалку десетина лица кои не ги почитувале решенијата за домашна самоизолација
Коментирајќи ги критиките по социјалните мрежи на дел од македонските државјани кои се пожалија на лоши услови откако со хуманитарни летови беа вратени во земјава и сместени во државен карантин, техничкиот премиер Оливер Спасовски порача да не се шират дезинформации.
„Апсолутно во овие моменти не е дозволено да шириме дезинформации. Тоа што е основниот пакет: сместувањето, три оброци и вода го имаат сите што се во државен карантин. А тоа што хотелите нудат дополнително на овие граѓаните, ако некој сака нешто плус да земе од она што е определено од државата е нешто што се наплаќа и мислам дека тука настануваат забуните“,
порача Спасовски.
Спасовски вели на сите граѓани во државен карантин им е обезбедена добри услови и здравствена грижа, па повика на солидарност потенцирајќи дека тие не се заболени, туку се враќаат од кризни подрачја, а изолацијата е со цел да се превенира евентуално ширење на вирусот. Одговорност и разбирање побара и од оние што се во државен карантин.
„Тие луѓе треба да бидат со истото разбирање денеска кога се наоѓаат во државен карантин, како што имаа во моментите кога сакаа или бараа од Владата да се вратат назад во нашата земја. И ние направивме сè за нашите граѓани, а тие најмалку што можат да направат е да бидат коректни и на нивото на задачата“,
порача Спасовски.
Премиерот информираше дека, согласно владината одлука, досега според неговите последни информации, околу десетина лица кои не ги почитувале решенијата за домашна самоизолација биле спроведени во државен карантин.