Државата да се откаже од проектите што не ѝ се приоритет и парите да ги насочи кон социјално загрозените граѓани за да можат да ја преживеат кризата, побараа денеска од мрежата на невладини организации „Сите сити“.
Потенцираат дека невладиниот сектор нема доволно капацитет за да им помогне на сите граѓани од социјален ризик и дека мерките што досега ги донела државата не се доволни.
„Има случаи каде што луѓе што се јавувале како донатори сега се јавуваат како баратели на хуманитарна помош, што мора да се земе предвид за да бидеме спремни за тоа што доаѓа. Многу е важно да се вклучат локалните и националните власти и да ги поддржат граѓанските организации кои им даваат помош на ранливите категории граѓани. Ние сме при крај на силите, имаме потреба од простор, од луѓе, ни треба поддршка за наоѓање донатори, волонтери… Ова мора да биде приоритет на државата“,
порача на прес-конференција Блаже Јосифовски, претседател на Асоцијацијата „Ајде Македонија“ и координатор на мрежата „Сите сити“
Тој најави дека повеќе граѓански организации ќе испратат и заедничко барање до Град Скопје за да се вклучи во нивните активности.
