Градоначалникот на Лондон, Садик Кан најави дека жителите на англиската престолнина ќе имаат можност да добијат гратис билети за финалето на Европското фудбалско првенство доколку најдоцна до четврток примат прва доза вакцина против ковид-19.
Финалето на Европското првенство ќе се игра на лондонскиот стадион „Вембли“ на 11 јули.
Првиот финалист ќе биде познат вечерва по натпреварот меѓу Италија и Шпанија, додека во второто полуфинале Англија утре на „Вембли“ е домаќин на Данска.
Истиот ден жителите на Лондон ќе можат да учествуваат во онлајн лотаријата во која најсреќните ќе добијат билети за финалниот натпревар на ЕУРО2020.
Услов за учество во лотаријата е заинтересираните во текот на оваа недела да примат прва доза од вакцината против коронавирус или да поседуваат потврда дека веќе имаат закажано термин.
Лицата, кои ќе споделат на социјалните мрежи дека имаат примено прва доза од вакцината или имаат закажано термин, ќе имаат право два пати да учествуваат во лотаријата.