Министерството за правда попладнево соопшти дека министерот Кренал Лога имал средба со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на која разговарале за случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, без да споделат детали за што конкретно станало збор. За утре е најавена средба на Лога со шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази

фото: архива
Постапките што се водат во тетовското обвинителство и во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово биле тема на денешната средба меѓу министерот за правда Кренар Лога и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, информира Министерството за правда.
Во штурото соопштението насловено – Активности кои се преземаат во врска со случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово, нема никаков детаљ за што конкретно зборувале Лога и Јовески.

„Министерот за правда Кренар Лога денеска оствари средба со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. На средбата стана збор за текот на постапките кои ги водат Основното јавно обвинителство – Тетово и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово. За случајот со модуларната болница во Тетово во текот на утрешниот ден министерот за правда Кренар Лога ќе се сретне и со шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази“,
стои во соопштението.
Случајот со пожарот во тетовската модуларна болница повторно стана актуелен во јавноста откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави документарен филм кој открива дека првиот тендер за избор на изведувач на модуларните болници бил поништен поради сомневања на Министерството за локална самоупрва за недоследности во постапката и фаворизирање одредени фирми, по што Владата му ја доверила надлежноста за спроведување на набавката на Министерството за здравство. Лицето кое ја потпишало спорната техничка спецификација, од Министерството за здравство преминало да работи во „Брако“, фирмата која го доби тендерот за изградба на модуларните болници.
Документите што се презентираат во документарецот, како што се наведува, го содржат можеби и најважниот доказ кој покажува дека и Министерството за здравство и изведувачот биле свесни дека објектите се супстандардни. Имено, непосредно по пожарот во Тетово, изведувачот „Брако“ ќе побара од Министерството за здравство повеќе пари за да може да ги зајакне безбедносните стандарди за модуларните објекти кои сè уште се во градба.
Инаку, за модуларната болница имаше судски предмет кој заврши со една ослободителна пресуда за доктор од тетовската болница и условни казни затвор за директорот и економскиот директор. Но, како што се наведува и во документарецот на ИРЛ, ова не бил предмет за причините за пожарот, туку за непостапување според здравствени протоколи.
Денеска во Тетово се одржа протест на кој граѓаните побараа разрешување на државниот обвинител Јовески и правда за жртвите во трагедијата во модуларната болница.