Се очекува наскоро од страна на јавниот обвинител на Република Северна Македонија да бидеме известени за избраниот кандидат, порача Лога

Обвинителот за врски од Република Северна Македонија во Европравда претставува исклучително важен сегмент од стратешката соработка и партнерство, порача министерот за правда Кренар Лога во обраќањето кое го имаше во Хаг на Конференција за започнување на проектот на Европравда „Подобрување на прекуграничната соработка во кривичната правда во Западен Балкан“.
Актуелен обвинител за врски е обвинителката Ленче Ристоска, а Лога порача дека идејата за подигнување на нивото на соработка преку назначување на обвинител за врски кој ќе биде со постојан престој во Хаг ќе придонесе за видливо подобрување на резултатите во гонење на прекуграничниот криминал, но и за градење на националните капацитети.
Огласот е во тек, а министерот очекува во најскоро време Јавното обвинителството да ја заврши процедурата и да се донесе одлука и републичкиот обвинител Љубомир Јовески да го извести за избраниот кандидат.
„Министерот за правда Кренар Лога изрази уверување дека од страна на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во најскоро време ќе бидат завршени потребните процедури за донесување на одлука за огласот за пријавување кандидати за јавен обвинител за врски од Република Северна Македонија во Европравда кој сè уште е во тек и дека се очекува наскоро од страна на јавниот обвинител на Република Северна Македонија да бидеме известени за избраниот кандидат“,
велат од Министерството за правда.
„360 степени“ претходно пишуваше дека првично во трка за тоа кој ќе ја претставува земјата во Хаг беа пет обвинители, но една од кандидатките – Наташа Гаџоска ја повлече кандидатурата. Таа му е сестра на поранешниот министер за правда Никола Тупанчески. Кандидатурата ја поднесе додека нејзиниот брат беше на функцијата, по што набргу ја повлече. Така, како кандидати останаа четворица: Ленче Ристоска (од ОЈО Скопје); Ивана Трајчева (од ОЈО ГОКК); Дејан Петрески (од ОЈО Скопје) и Александар Марковски (од ОЈО Скопје).
Како што веќе пишувавме, сите кандидати, вклучувајќи и Гоџоска, имаат квалификации кои во голема мера одговараа на критериумите во конкурсот – обвинителски стаж, работно искуство, оценување, познавање на странски јазик, завршени постдипломски студии и претходно искуство со работа со меѓународни тела и организации.