Синоќешниот украински напад врз московската рафинерија е втор за само неколку дена. Претходниот удар се случи во вторникот, по кој, според извори на Ројтерс, морала да биде запрена работата во рафинеријата, што дополнително ја зголемило штетата врз руските енергетски капацитети, проширувајќи ја кризата со гориво подлабоко во земјата
Истовремено ноќеска и Киев бил цел на воздушни напади од страна на Русија, која истрелала балистички ракети врз главниот град на Украина, но засега нема извештаи за настрадани лица и предизвикани штети. Тревоги за воздушни напади биле издадени во повеќе делови од Украина, а во градот Суми, според извештаите, едно лице е убиено во напад со беспилотно летало
Украински беспилотни летала ноќеска, по вторпат оваа недела, ја погодија рафинеријата за нафта во Москва предизвикувајќи пожар, додека руските сили повторно истрелаа ракети кон главниот град на Украина, Киев, објави Ројтерс.

Градоначалникот на рускиот главен град Сергеј Собјанин на платформата Телеграм соопшти дека противвоздушната одбрана на Москва успеала да собори над 50 дрона над градот, а очевидец за Ројтерс изјавил дека пламен и облаци чад можеле да се забележат над југоисточниот округ Капотња, каде што се наоѓа московската рафинерија.
„Силите за воздушна одбрана продолжуваат да одбиваат масовен напад. Неколку дрона успеаја да стигнат до московската рафинерија за нафта“,
наведе Собјанин.
Тој додава дека во нападите бил погоден и трговски центар во Москва, кој, според неговите тврдења, претрпел помала штета.
Синоќешниот украински напад врз московската рафинерија е втор за само неколку дена. Претходниот удар се случи во вторникот, по кој, според извори на Ројтерс, морала да биде запрена работата во рафинеријата, што дополнително ја зголемило штетата врз руските енергетски капацитети, проширувајќи ја кризата со гориво подлабоко во земјата.
Инаку, Русија е трет најголем производител на нафта во светот и голем извозник на овој енергент, но овој месец беше принудена да увезува гориво по морски пат, во обид да се справи со недостигот од бензин по обемните украински напади со беспилотни летала врз рафинерии во земјата.
Според гувернерот на московскиот регион, во синоќешниот напад била оштетена и една висококатница, индустриски објект и голем број приватни куќи.
Поради масовниот напад, пишуваат медиумите, биле суспендирани и летовите на најпрометниот московски аеродром „Шереметјево“, а патниците биле евакуирани, од кои дел побарале засолниште во паркинг-зоната.
Истовремено ноќеска и Киев бил цел на воздушни напади од страна на Русија, која истрелала балистички ракети врз главниот град на Украина.
„Непријателот го напаѓа главниот град со балистички ракети. Останете во засолништата додека не за заврши тревогата за воздушен напад“,
соопштил рано утрово началникот на воената администрација на Киев, Тимур Ткачнеко, во објава на Телеграм, без да наведе повеќе детали.
Властите на земјата соопштиле дека во североисточниот украински град Суми во напад со беспилотно летало е убиено едно лице, а тревоги за воздушен напад биле издадени за поголемиот дел од територијата на Украина.
Претходно оваа недела, во голем руски напад врз Киев беа убиени 10 лица, а беше оштетена и Киевско-печерската лавра, историска соборна црква и манастир – едно од најзначајните религиозни места во Украина и светско културно наследство по заштита на УНЕСКО. Русија ги негираше тврдењата дека го нападнала манастирот.
Новите напади доаѓаат во период кога украинскиот претседател Володимир Зеленски се обидува да го зголеми притисокот врз Русија и да ја натера на преговори за ставање крај на војната која трае повеќе од четири години.
Зеленски изјави дека разговарал со претседателите на САД и на Франција, Доналд Трамп и Емануел Макрон, како и со други светски лидери, на маргините на состанокот на Г7 во Франција, притоа опишувајќи ги состаноците како координативни разговори за изнаоѓање решенија за завршување на војната.
Американскиот претседател вчера изјави дека Русија губи повеќе војници од Украина, наведувајќи оти се чини дека и рускиот претседател Владимир Путин и Зеленски се отворени да преземат нешто во врска со војната.
Од друга страна пак Русија тврди дека Украина е таа која губи на бојното поле. Официјален Кремљ, неделава соопшти дека Путин не разговарал за можноста за средба со Зеленски за време на неговиот последен телефонски разговор со Трамп.
