„Ова е вистинското лице на руските православни вредности. Се молиме за спасение на светилиштето од уништување. Уште едно руско злосторство против човештвото, против историјата, против христијанството“, напиша украинската премиерка Јулија Свириденко на Икс, откако во нападите чија примарна цел бил Киев, е погодена Киевско-печерската лавра, манастир од почетокот на 11. век
Украина ноќеска повторно била цел на масовен руски напад со ракети и беспилотни летала. Бранови експлозии одекнале во Киев и во други градови низ земјата, а бројот на жртви, според досегашните извештаи, изнесува најмалку девет убиени лица, пренесува „Гардијан“.

Меѓу целите кои се погодени во последователните напади е и Киевско-печерската лавра, историска соборна црква и манастир – едно од најзначајните религиозни места во Украина. Во нападите на украинската престолнина биле погодени и станбени згради низ градот.
На снимките и фотографиите од Киевско-печерската лавра што ги објавија медиумите, се гледа како огромни пламени јазици се издигаат кон нејзините куполи. Според извештаите, во нападот се повредени шест лица.
„Покривот на едно од најсветите места во христијанскиот свет – Успенскиот собор на Киевско-печерската лавра гори… Што уште би требало да направи Антихристот Кремљ за да го натера светот да разбере дека мора да се преземат решителни мерки за да се запре рускиот терор против Украина и да се воспостават принципи на мирот?“,
напиша митрополитот Епифаниј, поглавар на Православната црква на Украина, на социјалната платформа Икс.
Украинската премиерка Јулија Свириденко објави фотографија од манастирската зграда во пламен, наведувајќи дека станува збор за брутален напад врз украинскиот народ и неговото наследство.
„Ова е вистинското лице на руските православни вредности. Се молиме за спасение на светилиштето од уништување. Уште едно руско злосторство против човештвото, против историјата, против христијанството“,
напиша таа на социјалната мрежа Икс.
Right now, as Russians continue to strike #Kyiv with over a dozen of ballistic missiles, the Dormition Cathedral of Kyiv‑Pechersk Lavra — a UNESCO World Heritage site and priceless cultural landmark — has been struck and is burning.
— Yulia Svyrydenko (@Svyrydenko_Y) June 14, 2026
A brutal assault on our people and our… pic.twitter.com/JfG2IjUWOD
Манастирот Киевско-печерска лавра е најстарото православно светилиште на Источните Словени, изградено во 1051 година, и е прогласен за светско културно наследство на УНЕСКО.
Во друга објава, неколку часа подоцна, Свириденко напиша дека синоќа Русија извршила уште еден масовен напад со ракети и беспилотни летала, а Киев бил главната цел. Според неа, во нападот врз Киев се убиени четири лица, а уште 25, меѓу кои и две деца, се повредени.
„Штети и уништувања беа регистрирани во речиси секој округ на главниот град. Нападот погоди не само станбени згради, туку и места на културно наследство, вклучувајќи ја Успенската катедрала на Киевската-печерската лавра, покривот на Мистетскиот арсенал и филмското студио ‘Олександар Довженко’“,
вели украинската премиерка.
Last night, Russia launched another massive missile and drone attack against Ukraine. Kyiv was the primary target.
— Yulia Svyrydenko (@Svyrydenko_Y) June 15, 2026
Four people were killed. My condolences to their families and loved ones.
Another 25 people were injured, including two children.
Damage and destruction were… pic.twitter.com/M9gQ5cYjcj
Според локалните власти, штети се пријавени на 16 локации низ главниот град, каде прозорците се треселе од силните експлозии, испрекинати од звукот од лансирањето на противвоздушната одбрана.
Началникот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко, во екот на нападите соопштил дека се регистрираат нови лансирања ракети и беспилотни летала кон главниот град, повикувајќи ги жителите да останат во засолништата.
Надвор од главниот град, најмалку пет лица се убиени во градот Харков, во напад во кој, според „Гардијан“, загинатите се припадници на службите за итни интервенции.
Новиот масовен напад низ повеќе области во Украина се случува откако рускиот претседател Владимир Путин најави нови, како што ги нарече, системски напади врз земјата. Според дел од медиумите, Москва ги засилува воздушните напади поради неуспесите на бојното поле, кои бележат пораст.
Нападите, исто така, следат и по период на релативен мир во Киев во последните денови, додека Москва ги подготвуваше своите беспилотни летала и ракетни сили за најновиот во неодамнешната серија масовни воздушни напади.

Полска, земја членка на ЕУ и на НАТО, денеска кренала дел од борбените авиони поради можен упад во нејзиниот воздушен простор пред да го повлече предупредувањето, велејќи дека не е регистрирано никакво нарушување, соопштија полските вооружени сили во објава на Икс.
Министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, соопшти дека земјата итно ќе покрене процедури во рамките на УНЕСКО и други меѓународни механизми за да гарантира итен и соодветен одговор, на како што го нарече овој вид варварство врз една земја, алудирајќи притоа на нападот врз манастирот, кој беше осуден и од естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахкна.
Нападите, исто така, доаѓаат и откако украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера соопшти дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп пред состанокот на Г7 што оваа недела треба да се одржи во Франција, а во врска со напорите за постигнување крај на војната која трае повеќе од четири години.
Трамп вчеравечер разговарал и со рускиот претседател Путин, кому му рекол дека завршувањето на конфликтот во Украина е од витално значење и дека е подготвен да помогне.
