На прес-конференцијата по денешниот брифинг со новинарите, Лога најави дека повторно ќе го донесе упатството за матични книги, кое вчера „падна“ на Уставниот суд, но овој пат, како што рече, во уставниот рок предвиден за оваа процедура
Еден ден откако Уставниот суд го поништи упатството за водење на матичните книги, министерот за правда Кренар Лога денеска најави дека по дополнителни консултации, повторно ќе го донесе упатството.
Причината поради која Уставен го поништи упатството според кое во изводите требаше да стои и графа за етничка припадност, беше пречекорувањето на уставниот рок во кој упатството требало да се објави во „Службен весник“.
Иако во постапката која Уставниот суд ја поведе во однос на упатството не е оспорена содржината на самиот текст, односно прашањето за воведување на графата за националност, од Судот порачаа дека кон почитувањето на законскиот рок во постапките не пристапуваат технички, туку суштински.
На прес-конференцијата по денешниот брифинг со новинарите, Лога најави дека повторно ќе го донесе упатството за матични книги, но овој пат, како што рече, во уставниот рок предвиден за оваа процедура.
„Среќен сум што за кратко време донесоа одлука за упатството и така е отворен пат за да донесам ново упатство и да е во роковите според Уставот“,
рече министерот.
Коментирајќи ја одлуката на Уставниот суд, министерот кажа дека по ова, многу други акти треба да ја имаат судбината на упатството за матични книги поради незапазениот законски рок за објавување во „Службен весник“.
„После ова, има многу акти кои треба да ја имаат судбината на упатството. Со оваа одлука верувам дека правната сигурност во државата е прекршена бидејќи се работи за ист суд, за ист Устав“,
изјави Лога.
Тој и синоќа во објава на социјалните мрежи рече дека од Уставниот суд очекува да постапува по службена должност и за останатите прописи каде што е прекршен уставниот рок за објавување во „Службен весник“.
Правда го донесе упатството за водење на матичните книги со додадена графа за етничка припадност на 29 мај годинава, а актот беше објавен во „Службен весник“ на 15 јуни, односно 17 дена од неговото усвојување, или поконкретно – 10 дена од истекот на предвидениот уставен рок за оваа процедура.
Уставните судии изразија сомнеж во уставноста на ова упатство и покренаа иницијатива за проверка на законитоста, а во меѓувреме, на 5 јули, Судот донесе времена мерка со која го стави надвор од употреба упатството на Лога додека не се донесе конечна одлука за предметот.
Откако Судот во јули ја донесе времената мерка со која упатството се стави надвор од употреба, министерот за правда поднесе неколку иницијативи до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на други прописи донесени од институции кои не го испочитувале рокот за објава во „Службен весник“.