Судскиот совет со месеци одолговлекува и не презема мерки за санкционирање и одговорност на претседателката на основниот суд Куманово, Снежана Манев, за констатирани неправилности со АКМИС, велат од Министерството за правда. Оттаму посочуваат дека министерот за правда Кренар Лога во неколку наврати испратил писмен допис до Судскиот совет во кој се бара преземање соодветни мерки или дејствија по однос на констатираните наводи, објавени во извештај уште на 1 февруари годинава.
„Судскиот совет беше во работна посета на Основниот суд Куманово на 1 февруари годинава и подготви извештај во кој се констатирани низа нарушувања на угледот на судиската функција, направени се груби повреди на начелото на недеискриминација по која било основа, користење на несоодветен вокабулар, навреди и омаловажувања на вработените од страна на в.д претседателот на судот како и злоупотреба на АКМИС, што во голема мера влијае на односите и работењето на судот“,
се наведува во соопштението.
Лога, како што велат од неговиот кабинет, првиот допис го испратил на 11 април, а потоа испратил ургенција на 22 јуни бидејќи, освен куси преписки, од Судскиот совет не добил конкретни одговори. Последната информација Министерството ја добило пред десетина дена.
„На 29 јуни од од страна на заменик-претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели доставен беше одговор дека е изготвен дополнителен извештај кој е потребно да се разгледа на седница на Судскиот совет по што ќе нè информираат за констатираната состојба“,
додаваат од Министерството.
Оттаму го повикуваат Судскиот совет да постапи согласно своите надлежности, бидејќи неказнувањето на ваквите случаи, како што велат, ќе доведе до дополнително нарушување на угледот на Советот, а со тоа и намалување на довербата во правосудството.