По извршениот увид во службената просторија и предметниот компјутер, извршен е разговор со полицискиот службеник Љ.К., кој во службениот разговор појаснил дека тој со неговата службена шифра во системот за контрола на патници и возила извршил проверки за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски
Припадниците на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, Одделот за криминалистичка полиција и СВР Битола вчера извршиле претрес во домот и во помошни простории на полицискиот службеник со иницијали Б.Б. во Битола поради основи на сомнение за сторено кривично дело оддавање службена тајна, по член 360 од КЗ.
При претресот, како што соопшти МВР, пронајдени се пиштол, револвер, две рамки за пиштол, 321 парчиња разновидна муниција, над 20 000 евра и службена документација, односно оперативни извештаи кои во себе содржат класифицирани информации, меѓу другото, и за граничното работење, анализи на маршрутите за мигранти итн.
Против полицискиот службеник по брза постапка е поднесена кривична пријава до битолското обвинителство, а од страна на надлежен судија му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.
Од МВР соопштија дека извршен е увид и во службена просторија на Регионалниот центар за гранични работи Југ лоцирана во кругот на СВР Битола, при што е одземен еден десктоп-компјутер за понатамошна постапка.
По извршениот увид во службената просторија и предметниот компјутер, извршен е разговор со полицискиот службеник Љ.К., кој во службениот разговор појаснил дека тој со својата службена шифра во системот за контрола на патници и возила извршил проверки за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Известен е јавен обвинител по чии насоки полицискиот службеник Љ.К. е лишен од слобода и задржан во Полициската станица Битола.
Денеска, по наредба издадена од Основниот суд Битола, извршен е претрес и во домот на Љ.К. од каде што се пронајдени и одземени два преносни уреди – уесбе и еден мобилен телефон.
Во координација со надлежното обвинителство, како што информира МВР, се преземаат дополнителни мерки и активности со цел расчистување на кривично-правниот настан.