Во куса изјава за медиумите по свеченоста, новите членови на Судскиот совет, судиите Исамедин Лимани и Александар Камбовски порачаа оти никој не треба да не се меша во судската власт, но не дадоа конкретен одговор на прашањето за евентуалното распуштање на Судскиот совет, кое заедно со Советот на јавни обвинители, ВМРО-ДПМНЕ го најавува во неколку наврати пред и по изборите
Судството треба да биде независно како што се независни другите власти во државата. Ова е пораката што ја испратија судиите Исамедин Лимани и Александар Камбовски откако пред собранискиот спикер Африм Гаши утринава дадоа свечени изјави како нови членови на Судскиот совет.

Во куса изјава за медиумите по свеченоста, Лимани и Камбовски порачаа оти никој не треба да не се меша во судската власт, но не дадоа конкретен одговор на прашањето за евентуалното распуштање на Судскиот совет, кое заедно со Советот на јавни обвинители, ВМРО-ДПМНЕ го најавува во неколку наврати пред и по изборите.
„Немам што да мислам, не знам какви предлози има (за распуштање на Судскиот совет н.з.) Секогаш е убаво судството да е независно. Тоа е една од властите во државата. Како што се независни другите власти, треба и судството да биде независно и само да решава за своите проблеми“,
рече Камбовски додавајќи оти никој не треба да се меша во судската власт.
Прашан за коментар за најавите за распуштање на Советот, ниту судијата Исамедин Лимани не даде конкретен одговор. Тој се повика на законските и уставните одредби за независноста на ова тело и порача дека доколку треба да се прават други реформи, Собранието е тоа кое може да го смени Уставот.
„Бидејќи уставотворецот – Собранието е законодавец и установотворец, тие имаат надлежност ако го менуваат Уставот бидејќи се знае, според уставните одредби, амандманите што се донесени во 2006 г. судството е независна власт. Но кога може да го менува Уставот, Собранието може да донесе и други реформи како уставотворец“,
рече судијата Лимани и додаде дека како независен орган Судскиот совет треба да обезбеди услови таа независност да биде потранспаретна, а судовите да може поефикасно да работат.
Врховниот судија Исамедин Лимани и судијата од Апелацискиот суд Битола, Александар Камбовски, беа избрани за членови на Судскиот совет на 6 јуни годинава на изборот за двајца членови на Советот од редот на судиите.
Од редот на врховните судии, Лимани доби седум гласа, а предводник според бројот на освоени гласови на гласањето во апелационото подрачје Битола беше Александар Камбовски со освоени 28 гласа.
Со изборот на Лимани и Камбовски се пополнија и двете празни места од редовите на судиите кои беа празни точно една година по оставките на Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимоваки кои на ваков чекор се одлучија по контроверзното разрешување на претседателката на Советот, Весна Дамева.