Обвинителката Лиле Стефанова, која ја води истрагата за случајот „Империја“, денеска треба да се сведочи во Основниот кривичен суд во Скопје за случајот „Рекет“, каде што обвинети се нејзината поранешна шефица Катица Јанева и Бојан Јовановски-Боки 13.
Стефанова ќе биде втората обвинителка која работеше во СЈО, а која ќе влезе во судница како сведок, откако на минатото рочиште на 3 јануари сведочеше Елизабета Јосифоска.
Во случајот „Империја“, кој во СЈО го водеше Стефанова, еден од осомничените е бизнисменот Орце Камчев, кој беше првиот сведок во „Рекет“ и во судница раскажуваше како му биле барани пари за да добие поповолен третман.
Името на Лиле Стефанова се споменуваше и во снимките што ги објавуваше италијанскиот весник „Ла Верита“.
Орце Камчев првпат ја спомена Лиле Стефанова прашувајќи го Боки 13 дали таа е со нив, но не доби потврден одговор. Од снимката можеше да се слушне и како бизнисменот кажува дека Ванчо Чифлиганец му барал дуќан за стоматолошка ординација за Стефанова. За ова, пак, Чифлиганец потоа излезе со демант, а преку писмена изјава демантираше и самата Стефанова.
Таа посочи дека Камчев и Цветан Панделески, уште еден бизнисмен осомничен во „Империја“, се обиделе да извршат влијание врз предистрага користејќи го нејзиното познанство со Чифлиганец.

„За оваа ситуација јас на состанок ги известив Катица Јанева и присутните обвинители, а исто така го известив и мојот тим на истражители. На средбата што се одржа во просториите на СЈО, господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за ‘неговите пријатели’, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа предвид да разговараме што било во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име“,
наведе Стефанова потенцирајќи дека споменувањето на нејзиното име од бизнисменот во снимка што тој ја снимил е за нејзино дискредитирање.
Обвинителката се спомена во уште една снимка објавена на „Ла Верита“, а во која телефонски разговараа Боки 13 и Орце Камчев. Во еден момент кога Боки 13 вели дека бизнисменот „се плаши од Лиле“, специјалната обвинителка се вмешува и кажува: „Јас сум многу ангажирана затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене таа не може ништо“.
Во писмената изјава со која излезе Стефанова во август лани, покрај демантот за стоматолошката ординација, таа наведе и неколку ситуации поврзани со нејзината тогашна шефица, Катица Јанева.

Обвинителката посочи во декември 2018 изразила несогласување со одлуката на Јанева мерката притвор за Камчев да се замени со куќен притвор, како и со согласноста која по неколку месеци ја дала шефицата за времен пасош на осомничениот. Тој период, нагласи Стефанова, бил додека користела годишен одмор.
Обвинителката во изјавата раскажа и за состанок во СЈО одржан во април 2019, за кој зборуваше и нејзината колешка Јосифоска.
„Во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а се однесуваа на дејствија во предметите ‘Империја’ и ‘Поштенска банка’. Конкретно, ни беше наложено до неа да доставиме писмени извештаи за отштетата во двата предмета што осомничените треба да ѝ ја платат на државата, по што предметите ‘да бидат тука затворени’ и осомничените ‘да не одат во затвор’. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител“,
наведе Стефанова во изјавата.
Токму обвинителот Бурим Рустеми е уште еден од поранешниот тим на Јанева кој ќе сведочи во случајот „Рекет“, а на листата за следни сведоци е и шефицата на кабинет на поранешната специјална обвинителка.
Денешното ќе биде седмо судско рочиште за предметот „Рекет“. Што се случуваше на досегашните прочитајте во сумираните извештаи на „360 степени“:
Судење за „Рекет“ – чин втори (ВИДЕО)
Судење за „Рекет“: „Обвинителот Боки“ и „госпоѓата Јанева“ низ сведочењето на Камчева
Судење за „Рекет“ – „Поштенска банка“ влезе во записниците
Судење за „Рекет“ – „Прокуристот“ Боки 13 во улога на уредник и домаќин на политичари