Завршиле преговорите меѓу Србија и С.Македонија и наскоро ќе се започне со градба на новиот граничен премин Лојане – Миратовац, а царинските дирекции на земјава и на Албанија на следниот состанок на лидерите од Западен Балкан во февруари ќе потпишаат договор за One Stop Shop за граничниот премин Ќафасан, каков што земјава има со Србија на преминот Табановце.
Ова го соопштија од владината прес-служба по третиот состанок за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан што денеска се одржува во Тирана, а на кој учествуваат премиерот Зоран Заев, неговиот албански колега Еди Рама и претседателите на Црна Гора и Србија Мило Ѓукановиќ и Александар Вучиќ.
„Главната цел на овие One Stop Shop, односно гранични контроли со едно застанување наскоро да станат – Нон Стоп Шоп, односно премини без застанување, и како придонес за остварување на оваа постапка ќе биде и воведувањето на бесхартиен систем кој ќе ги поедностави царинските постапки“, најавуваат од Владата.
Лидерите, како што соопштија, го разгледале напредокот на спроведување на четирите слободи во регионот, утврдени на претходните два состанока во Охрид и Нови Сад.
„Духот на инклузивност и на добрососедските односи што го поттикнаа овој процес донесе повеќе придобивки од непосреден интерес на граѓаните во регионот. Трагедијата предизвикана од земјотресот во Драч поттикна взаемната поддршка при природни катастрофи и вонредни состојби да биде вклучена како уште еден столб во унапредувањето на соработката во регионот, и во таа насока во февруари во Белград, надлежните институции на секоја од земјите од Западен Балкан ќе го потпишат документот Протокол од Драч за соработка на дирекциите за заштита и спасување“, наведуваат од Владата.
Иницијативата позната во јавноста како „мал шенген“ е покрената за да се забрза соработката и да се олесни процесот на европска интеграција и таа, се порачува по денешниот состанок во Тирана, е отворена за сите шест земји во регионот, а не само за С.Македонија, Србија и Албанија.
За време на престојот кај западниот сосед, Заев, Вучиќ и Ѓукановиќ со домаќинот Рама го посетија и Драч, градот каде на 26 ноември имаше катастрофален земјотрес.