Во Владата заврши координативната средба која премиерот Оливер Спасовски ја свика во врска со ситуацијата со коронавирусот во пресрет на парламентарните избори.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека средбата била претежно информативна, дека не се разговарало за одложување на изборите, туку за преадаптирање на кампањата, како и за економските импликации.

Тоа е глобален проблем, рече Мицкоски, на кој Македонија не може да остане имуна.
Денеска ќе се одржи средба за таа цел на владини претставници со стопанските комори.
„Нема да има митинзи, согласно забраните од Владата“, додаде Мицкоски.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев оцени дека средбата била продуктивна и заклучокот е кампањите да се усогласат според препораките.
„Утврдивме дека предизборната кампања ќе ја усогласиме според препораките на владините институции. Овие мерки се за доброто на сите граѓани. Имаме должност сите да ги почитуваме. Апелирам до сите граѓани и партии да не мрднеме ниту милиметар од препораките на институцииете. Тие покажаа капацитет на држење на коронавирусот под контрола и убеден сум дека оваа состојба набрзо ќе биде надмината“,
рече Заев.
Во врска со најавите дека е можно одложување на изборите, Заев рече дека за тоа не се зборувало денеска и дека е несериозно од сега да се зборува дали по 30 дена ќе се одложат изборите.
„Мерките важат до 24 март, но до тогаш ќе има нови информации. Во моментов е најважно да ги слушаме експертите и институциите и да бидеме обединети во оваа работа“,
рече Заев по средбата.
И лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претходно изјави дека засега не се размислува за одложување на изборите, туку за тоа како да се води кампањата, претежно преку медиумите и социјалните мрежи.
Според лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, здравствениот систем не е подготвен да се справи со ситуацијата, иако, како што рече, последиците од овој вирус се како и кај сезонските грипови, а во државата има исклучителни лекари.
„Ние се договоривме да ги следиме препораките од кризниот штаб и јас како лидер на политичка партија не мислам дека се разликувам од кој било граѓанин и така ќе се однесувам. Сметам дека здравствениот систем не е подготвен, знаеме дека во ваква ситуација има добри стручни лица, ама се соочуваме со проблем за заштитна опрема. Имаме кадри, ама не се менаџира како што треба. На чело со Таравари почнаа работите да одат во позитивна насока, но од тој момент не гледам дека нешто е сработено во здравствениот систем“,
изјави Села по средбата.
Лидерот на движењето Беса, Билал Касами, пак, изјави дека ќе ги почитуваат сите мерки и препораки од Владата за справување со коронавирусот.

Тој во изјава за медиумите изрази надеж дека нема да има ситуација која ќе наложи да се одложат предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.
2Ќе ги искористиме сите други можности за комуникација со гласачите за да им ги пренесеме нашите пораки и идеи. Во овој период нема потреба за поголема паника кај граѓаните, ситуацијата е под контрола“,
изјави Касами.
На средбата присуствуваа и министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на парламентот Талат Џафери.

Дел од лидерите на партиите денеска на средбата беа во придружба на ексминистрите за здравство, Бујар Османи и Арбен Таравари.