Повеќе од 11,6 милиони Романци гласаа во вториот круг, а Дан ја привлече поддршката од повеќе од шест милиони од нив

Независниот кандидат и актуелен градоначалник на Букурешт, Никушор Дан, е победник на претседателските избори во Романија што се одржаа вчера. Дан го победи крајнодесничарскиот популист и евроскептик Џорџе Симион од националистичката партија Алијанса за обединување на Романците (АУР), што беше голем пресврт во однос на резултатите од првиот круг, кога освои двојно помалку гласови од својот противкандидат.
Бројките од централната изборна комисија на Романија покажуваат дека Дан има 54,2 отсто од гласовите на гласачите во земјата членка на ЕУ и НАТО со околу 19 милиони луѓе, додека Симион има 45,8 отсто.
Повеќе од 11,6 милиони Романци гласаа во вториот круг, а Дан ја привлече поддршката од повеќе од шест милиони од нив.
Изборите го привлекоа највисокиот процент на излезеност на гласачите на романските избори во последните 25 години, пишуваат светските медиуми.
Педесет и петгодишниот Дан се искачи на врвот во последните денови, откако неколку недели заостануваше зад Симион, евроскептик кој сакаше да ја прекине воената помош за Украина во нејзината војна со Русија.
Дан водеше кампања со ветување дека ќе се бори против раширената корупција, ќе ја задржи поддршката за Украина – каде што Романија играше важна логистичка улога – и ќе ја задржи земјата цврсто во рамките на европскиот тек.
„Победата е за сите вас. Од утре започнуваме со реконструкција на Романија, обединета, чесна Романија, врз основа на почит кон законот и сите луѓе“,
вели Дан во објава на својот фејсбук-профил.
Дан призна дека се соочува со тежок предизвик да најде премиер кој ќе преговара за мнозинство во парламентот за да го намали буџетскиот дефицит на Романија – најголемиот во ЕУ – како и да ги увери инвеститорите и да се обиде да избегне намалување на кредитниот рејтинг.
„Ќе има тежок период пред нас, неопходен за економско ребалансирање за да се постават темелите на здраво општество. Ве молам, имајте надеж и трпение“,
им рече Дан на поддржувачите.
Симион, кој во првиот круг од изборите пред две недели имаше 41 отсто од гласовите, го призна поразот со објава на неговиот профил на Икс.
„Ќе ја продолжиме нашата борба за слобода и нашите големи вредности заедно со други патриоти, суверенисти и конзервативци од целиот свет. Можеби изгубивме битка, но сигурно нема да ја изгубиме војната“,
напиша тој на Икс.
🇷🇴We will continue our fight for freedom and our great values along with other patriots, sovereignists and conservatives all over the world.
— 🇷🇴 George Simion 🇲🇩 (@georgesimion) May 18, 2025
We may have lost a battle, but we will certainly not lose the war.
God bless you all ❤️! pic.twitter.com/rMYeRc2JXj