Опозициската партија „Левица“ денеска го прозва министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за случајот со станицата за технички преглед во која пред регистрацијата бил проверен автобусот на „Беса транс“ кој изгоре во Бугарија. Сторијата ја објави „360 степени“, при што покажавме дека станицата за технички преглед „Виа-комерц Џемаљ“ требала да биде привремено затворена уште во август 2021 г. поради констатирани неправилности, но министерот Спасовски потпишал такво решение дури во ноември и тоа три дена по сообраќајката во Бугарија во која животот го загубија 45 лица.
Од партијата Левица, прво го повикуваат министерот да се изјасни за случајот.
„Од Министерството за внатрешни работи и Оливер Спасовски нема коментар зошто станицата за технички преглед на компанијата „ВИА КОМЕРЦ Џемаљ“, во која бил регистриран автобусот кој изгоре во Бугарија на „Беса транс” и за која биле утврдени серија неправилности уште во август, добила решение за забрана на работата дури три дена по несреќата во ноември.
Имено, во станицата за технички преглед се констатирани неправилности во работата кои можат неминовно да допринесат до небезбедни возила на патиштата. Покрај нестручни лица кои ги извршуваат прегледите на возила, забележано е дека компанијата не води регистар на прегледани возила. Сепак, предлогот за забрана за работа на станицата министерот Оливер Спасовски не го потпишал, за на 5-ти октомври во станицата да пристигне автобусот, кој во ноември беше причина за ужасна трагедија“,
соопштија од Левица.
Понатаму, во своето соопштение, Левица повикува на предвремени избори бидејќи од партијата не гледаат каква рокада на владиниот кадар би можела да го смени курсот и дејстувањето на извршната власт.
Инаку, реакцијата на „Левица“ за случајот е прва која доаѓа од политичка партија. Досега, реакции имаше од ДКСК, од каде повикаа домашната истрага за несреќата да се прошири и со новите сознанија. Од обвинителството, пак, соопштија дека ги истражуваат сите околности.
