Во врска со состојбата на граничните на македонско-грчката граница, од Автомото сојузот на Македонија напоменуваат дека на грчката страна на премините времињата на чекање постојано варираат и вообичаено се подолги
На граничните премини „Богородица“ и „Дојран“, на македонско-грчката граница има зголемена фреквенција на возила, а времето на чекање за излез од државата е околу 40 минути, информираат утрово од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ). Зголемена фреквенција на возила, но за влез во државава се бележи и на граничниот премин „Табановце“ на границата со Србија, каде времето на чекање, според АМСМ, е исто така околу 40 минути.

Камерите на јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), која во реално време ја прикажуваат состојбата на граничните премини од македонска страна, исто така, покажуваа зголемена фреквенција и колони возила кои чекаат за излез од државата на граничните премини „Богородица“ и „Дојран“.
„На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржување за влез и излез од државата“,
се вели во информацијата.
Во врска со состојбата на граничните на македонско-грчката граница, од Автомото сојузот на Македонија напоменуваат дека на грчката страна на премините времињата на чекање постојано варираат и вообичаено се подолги.
Што се однесува до сообраќајот на државните патишта, според информациите, тој е зголемен на патните правци надвор од градските средини, но се одвива непречено, по суви коловози.
Од АМСМ препорачуваат приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Оттаму потсетуваат дека од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија во сила е летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, која важи за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Забраните за овој вид возила почнуваат во петок во периодот од 17 до 22 часот; сабота од 9 до 18 часот и недела од 9 до 22 часот.
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11 до 17 часот.
Ограничувањето, инаку, не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали, како и за возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со Јавното претпријатие за државни патишта.
