Инаку, Ристоска беше и првиот јавен обвинител кој во 2018 година беше поставен да ја води канцеларијата за врска со Европравда, тело кое кое ги спојува домашните со европските истражни органи. Сепак, обвинителката формално не беше избрана на функцијата по новиот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја кој беше донесен во април 2021 година
Обвинителката на скопското јавно обвинителство и ексчлен на тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), Ленче Ристоска, повторно ќе биде јавен обвинител за врски со Европравда.
На функцијата е именувана од министерот за правда Кренар Лога, а на предлог на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, соопштија денеска од Министерството за правда.
Ристоска е именувана по огласот што беше отворен од страна на републичкото јавно обвинителство во декември 2022 година, а на кој беа пријавени неколкумина кандидати.
„Лога ѝ посака успешна работа на Ристоска со желба да се продолжи континуитетот на досегашната соработка со Европравда. Огласот од страна на Јавното обвинителство беше отворен од декември 2022 година согласно член 112 од Законот за меѓународна соработка во кривичната материја“,
се наведува во соопштението од Министерството.
Оттаму додаваат дека соработката со Европравда е од исклучително значење за Република Северна Македонија од аспект на борбата со прекуграничниот и против тероризмот.
Инаку, Ристоска беше и првиот јавен обвинител кој во 2018 година беше поставен да ја води канцеларијата за врска со Европравда, тело кое кое ги спојува домашните со европските истражни органи. Сепак, обвинителката формално не беше избрана на функцијата по новиот Закон за меѓународна соработка во кривичната материја кој беше донесен во април 2021 година.
За време на нејзиниот ангажман значително се зголеми бројот на предмети со меѓународна соработка. Имаше пофалби и однатре и однадвор, но таа го изготви (а ЈОРСМ го објави) еден од најкритичните извештаи за дел од состојбите во домашното правосудство.
По повеќе од една година (од донесувањето на новиот Закон за меѓународна соработка во кривична материја), односно на 16 декември 2022 година, Јавното обвинителство на РСМ распиша внатрешен оглас за пријавување на кандидати за јавен обвинител за врски од Република Северна Македонија во Европравда.
Речиси исто толкав период се чекаше јавниот обвинител да го предложи кандидатот до министерот за правда кој, според Законот, го именува обвинителот за врски со Европравда.
Критериумите кои се бараа во огласот за оваа функција беа: обвинителски стаж; работно искуство; резултатот од оценувањето; познавањето на странски јазик; завршени постдипломски студии, стручна специјализација или посетувани обуки од соодветна област во државата и во странство; претходно искуство на јавниот обвинител во работа со меѓународни организации, институции, тела , мисии и проекти.
Мандатот на јавниот обвинител за врски трае четири години.
Огласот беше распишан во време додека државен јавен обвинител беше Љубомир Јовески, чиј мандата истече во декември годинава, а именувањето на Ристоска доаѓа во период кога со Јавното обвинителство на РСМ раководи в.д. јавниот обвинител Соња Симовска бидејќи кандидатот за редовен шеф на државното јавно обвинителство сè уште не е изгласан во Собранието. Инаку, за наследник на Јовески Владата го предложи Љупчо Коцевски, кој беше единствен од уште двајцата пријавени кандидати кој го помина филтерот во Советот на јавни обвинители.
Инаку, како што пишуваше „360 степени“, за позицијата јавен обвинител за врска со Европравда беа пријавени петмина кандидати, од кои еден – обвинителката Наташа Гоџоска се повлече од трката бидејќи му е сестра на универзитетскиот професор Никола Тупанчески кој беше министер за правда пред Лога да дојде на оваа функција во февруари лани.
Така, во трката за обвинител за врска со Европравда останаа обвинителите: Ленче Ристоска, Ивана Трајчева од ОЈО ГОКК, Дејан Петрески од ОЈО Скопје и неговиот колега од истото обвинителство, Александар Марковски.
Ристоска, која сега официјално е именувана на функцијата, изминатиот период беше активна во јавноста, освен покрај случаите што ги застапуваше пред судовите, така и по нејзините остри критики на контроверзните измени на Кривичниот законик од 6 септември лани поради кои застареа дел од предметите кои ги отвори СЈО од кое беше дел и самата таа.
Во меѓувреме таа двапати – еднаш во 2021 и вторпат во 2023 година – поднесе апликација за позиција во Вишото јавно обвинителство, која и во двата случаи беше отфрлена од Советот на јавни обвинители – тело кое ги избира и разрешува јавните обвинители.
Првиот пат беше одбиена со образложение дека е премлада за позиција во ова обвинителство. Вториот пат, Советот на јавни обвинители одби да ја унапреди Ристоска во виш јавен обвинител со образложение дека во времето на конкурирањето таа била на породилно отсуство.
Откако беше одбиена по вторпат, Ристоска во јули годинава најави дека ќе поднесе претставка до Антидискриминациската комисија.
Кон средината на декември лани таа на својот фејсбук-профил објави дека го добила случајот против Советот на јавни обвинители по нејзината претставка.