Обвинителката Ленче Ристоска досега двапати – еднаш во 2021 и вторпат во 2023 година поднесе апликација за позиција во Вишото јавно обвинителство, која, и во двата случаи беше отфрлена од Советот на јавни обвинители. Откако беше одбиена по вторпат, со образложение дека во моментот на конкурирање била на породилно отсуство, Ристоска во јули годинава најави дека ќе поднесе претставка до Антидискриминациската комисија
Обвинителката од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, и поранешна специјална јавна обвинителка, Ленче Ристоска, објави дека го добила случајот против Советот на јавни обвинители по нејзината претставка за дискриминација која ја поднесе до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) откако нејзината апликација за позиција во Вишото јавно обвинителство во јули годинава беше одбиена по вторпат.
„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја уважи мојата претставка и утврди директна продолжена дискриминација како потежок вид на дискриминација по основ на лично својство и општествен статус извршена од страна на Советот на јавни обвинители“,
вели Ристоска во објавата на својот фејсбук-профил.
Посочува дека воведувањето на мерит систем, наспроти практикување на дискрециони овластувања, ќе влијае на зголемување на квалитетот на работата и консеквентно на довербата во јавнообвинителскиот систем, бидејќи, како што вели, е едно од најсилните оружја против корупција, клиентелизам и дискриминација.
„Во време кога е модерно да се декларират заложби за етичко лидерство во институциите и култура на професионален и личен интегритет, како и родова и секој друг вид на рамноправност, декларативноста треба да се замени со практична и јавна подршка на поединците што ги поседуваат овие квалитети и ги водат овие битки“,
пишува Ристоска на Фејсбук.
Обвинителката Ленче Ристоска досега двапати – еднаш во 2021 и вторпат во 2023 година поднесе апликација за позиција во Вишото јавно обвинителство, која, и во двата случаи беше отфрлена од Советот на јавни обвинители – тело кое ги избира и разрешува јавните обвинители.
Првиот пат беше одбиена со образложение дека е премлада за позиција во ова обвинителство. Вториот пат, Советот на јавни обвинители одби да ја унапреди Ристоска во виш јавен обвинител со образложение дека во времето на конкурирањето таа била на породилно отсуство.
Откако беше одбиена по вторпат, Ристоска во јули годинава најави дека ќе поднесе претставка до Антидискриминациската комисија.