Повеќе од 20 илјади ранети остануваат во Газа, каде што нивниот пристап до здравствена заштита е ограничен поради блокадата и континуираното бомбардирање од страна на израелската армија, велат од „Лекари без граници“

Повеќе од 20 илјади ранети остануваат во Појасот Газа, се вели во соопштението од организацијата „Лекари без граници“ (MSF).
„Повеќе од 20 илјади ранети остануваат во Газа, каде што нивниот пристап до здравствена заштита е ограничен поради блокадата и континуираното бомбардирање од страна на израелската армија“,
се вели во соопштението на хуманитарната организација.
„Лекари без граници“ додаваат дека 22 лица од нивните меѓународни вработени ја напуштиле Газа преку граничниот премин Рафах и побарале евакуација на повеќе луѓе од палестинската територија.
„На оние кои сакаат да ја напуштат Газа мора да им се дозволи да го сторат тоа без да чекаат и без да им се ускрати правото подоцна да се вратат во Газа“,
велат од организацијата и повикуваат на итен прекин на огнот.
Оттаму додаваат дека нов тим од „Лекари без граници“, вклучително и специјализиран медицински тим, веќе е подготвен да влезе во Газа штом ситуацијата дозволи, за да овозможи хуманитарна и медицинска помош. Во меѓувреме, додаваат од „Лекари без граници“, многу од нивните палестински колеги продолжуваат да работат и да обезбедуваат нега во болниците и низ Појасот Газа.
„Потребните хуманитарни материјали и персонал мора да бидат дозволени во Појасот Газа каде болниците се преоптоварени, а здравствениот систем се соочува со тотален колапс“.
се додава во соопштението.
Според египетски функционер, 76 ранети Палестинци и 335 странци и двојни државјани ја напуштиле Газа вчера, во првата операција за евакуација од почетокот на Хамас-израелската војна на 7 октомври.