Специјалистот- интернист Владимир Ристовски од ГОБ тврди дека освен интернистите, во оваа болница никој од другите специјалисти не се ангажирани во овие вонредни услови, за разлика од ситуацијата на Клиничкиот центар
Критично болните пациенти во ГОБ „8 Септември“ се оставени во рацете на недоволно стручни лица, тврди доктор Владимир Ристовски, специјалист – интернист.
Тој во изјава за ТВ Алфа вели дека за 13 пациенти кои дишат со помош на машина се грижат доктори интернисти, а не специјалисти анестезиолози, кои се едуцирани за интензивно лекување и реанимација. Според него, двајца анестезиолози во болницата доаѓале само за да дадат конзилијарно мислење, но не и да ги лекуваат најтешко болните.
„Во одделот за изолација имаме 27 кревети, тоа се пациенти со тешка клиничка слика. Од тие 27 пациенти, 13 се на респиратор или на СИПАП маски. Порано за овие пациенти се грижеа исклучиво анестезиолозите, меѓутоа, проблемот е наметнат од пред два три месеци за нив се грижат интернистите. Се знае дека анестезија, реанимација е гранка која што се грижи за интензивно лекување, работа со машини, меѓутоа за жал они доаѓаат како конзилијарни доктори, а целокупниот товар и грижа за пациентите паѓа на интернистите“,
вели Ристовски за Алфа.
Тој исто така тврди дека освен интернистите никој од другите специјалисти не се ангажирани во овие вонредни услови, за разлика од ситуацијата на Клиничкиот центар, каде според него, се ангажирание сите специјалисти, вклучувајќи и гинеколози.
„За разлика кај нас, сите други се отфрлени, не се ангажирани, освен интерните одделенија. Болницата има и други доктори кои треба да дојдат како колегијална помош и да се грижат за третман на овие болни“,
тврди Ристовски.
На ГОБ „8 Септември“ сега има само 50-тина пациенти со ковид, иако одделот во оваа болница на почетокот на пандемијата функционираше како ковид-центар.
Министерот Филипче во изјава пред неколку дена, најави дека поради исполнетост на капацитетите на Инфејтивната клиника и модуларната болница, за лекување на ковид-пациенти се ставаат на располагање капацитетоте на Интерните клиники – Гастро, Реуматологија и Нефрологија, а понатаму можно е и на ОРЛ и очната клиника.
Исто така планирани се и дополителни 100 кревети во „8 Септември“.
На новинарско прашање, дали лекарите интернисти се стручни да се грижат за ковид-пациентите, Филипче рече дека во нивните тимови секогаш ќе имаат и пулмолози со кои заеднички ќе го спроведуваат третманот на овие пациенти.