Од граѓаните, за да учествуваат во овие наградни игри кои се лажни, се бара да извршат допаѓање на страната, во коментар да напишат „учествувам“, како и да извршат нејзино споделување. Потоа од креаторите на овие лажни наградни игри им се испраќа порака на граѓаните дека се добитници на награда, а за нејзино подигнување е потребно да ги дадат своите лични податоци, да испратат слика од личната карта, како и своја фотографија
Сѐ повеќе пријави за лажни наградни игри на интернет стигнале до Секторот за компјутерски криминал при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи (МВР).
Лажните наградни игри се организирале преку користење на социјалните мрежи, особено преку Фејсбук. Најпрво, како што информираат од МВР, се отворале лажни профили именувани по некоја позната компанија од земјата со долгогодишно постоење, а потоа неовластено се прибавувале лични податоци од граѓаните.
При отворањето на лажните профили, додаваат од МВР, се користат логото и брендот на компанијата, со објава дека поради одреден повод, роденден на компанијата или слично, се организира наградна игра со разни подароци за среќните добитници. Подароците што се ветувале биле вредносни ваучери, мобилни телефони и други наводни награди.
„Притоа од граѓаните, за да учествуваат во овие наградни игри кои се лажни, се бара да извршат допаѓање на страната и на конкретната објава, во коментар да напишат ‘учествувам’, како и да извршат нејзино споделување, со цел што повеќе да се рашири лажната наградна игра. Потоа од креаторите на овие лажни наградни игри им се испраќа порака на граѓаните дека се добитници на награда, а за нејзино подигнување потребно е да ги дадат своите лични податоци, да испратат слика од нивната лична карта (од двете страни), како и фотографија од имателот на личната карта“,
се наведува во соопштението од МВР.
Поради заштита на личните податоци и можните злоупотреби и последици што можат да произлезат, од МВР апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни при споделувањето на овие информации на други лица, а особено на интернет.
„Апелираме до граѓаните со особено внимание и одговорно да постапуваат со своите лични податоци, да не ги споделуваат и разменуваат со непознати лица, како и со лица на кои не може да им се утврди вистинскиот идентитет“,
се додава во соопштението од МВР.