Доколку тие сакаат да купат дел во некоја наша компанија тогаш и ние сме заинтересирани за купување на солунското пристаниште, вели Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски како лажни вести ги оцени тврдењата дека се планира продажба на дел од Македонскиот електропреносен систем оператор – МЕПСО.
Според Ковачевски станува збор за компанија во 100-процентна државна сопственост и додаде дека ни Владата нема водено никакви разговори за продавање на МЕПСО.
„Оваа информација доминантно ја лиферуваат опозициските медиуми во државата, а и опозициската партија имаше прес-конференција. Се работи за неточни наводи и за лажни вести, а за тоа имаше соопштение и државната компанија МЕПСО која кажа дека ниту имаат разговарано, ниту разговара, ниту,пак, преговара со кого било за продавање на нејзин дел. Се работи за информација која е дезинформација во делот на МЕПСО и Владата“,
рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Битола.
На посочувањето дека информација за продажба на МЕПСО на Грчкиот електропреносен систем оператор доаѓа од грчките медиуми, Ковачевски рече дека тие имаат своја стратегија и може да имаат стратегија како што можеме да имаме и ние.
„Доколку тие сакаат да купат дел во некоја наша компанија тогаш и ние сме заинтересирани за купување на солунското пристаниште“,
истакна Ковачевски.
Премиерот нагласи дека земјава има закупено капацитет во Гасниот терминал во Александрополис и дека земјава не е сопственик на дел од терминалот.
„Изразивме подготвеност да бидеме дел од Гасниот терминал преку кој ќе биде транспортиран лнг гас од САД и од други земји кои се наши партнери. За таа цел со одлука на Влада веќе имаме закупено количини на гас за потребите на Северна Македонија. Гасниот терминал има свои сопственици и доколку некој од нив има намера да продаде дел од своите удели кои ги поседуваат нашата држава е подготвена да купи дел од Гасниот терминал и да стане дел од сопственичката структура“,
рече Ковачевски и додаде дека сопствениците на терминалот досега немаат донесено таква одлука.
За големата гасна когенеративна централа која се гради во близина на терминалот во Александрополис рече дека е во целосна приватна сопственост на инвеститори кои не се од нашата држава.