Дали членовите на Судскиот совет и заменик-претседателот Селим Адеми можат да бидат повикани на одговорност поради начинот на кој ја разрешија Дамева, Лазарова Трајковска во интервју за „Республика“ вели дека одговорноста може да биде повеќенасочна за постапувањето на начин и во постапка која не е пропишана со закон. Според судијката, од исказот на потпретседателот на Советот, Селим Адеми, кој го иницира разрешувањето на Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет очигледно е толкувањето на процедурите од аспект на целта која се сакало да се постигне
На директно прашање дали таа лично се соочила со политички притисоци, поранешната судијка на ЕСЧП и актуелен судија на Врховниот суд вели дека имало ситуации кога го почувствувала „здивот“, не на директни, туку на обиди за индиректни влијанија
Влогот во целата оваа постапка околу разрешувањето (на сега веќе поранешната претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева) е врзан со важноста на независноста на судството. Сакам да потсетам дека постојано треба да се повторува дека независноста на судството е потпорен елемент на владеењето на правото, а со тоа и на сите демократски унапредувања во земјата. Е токму во тој дел е и смислата на постоењето на Судските совети, тие да бидат на браникот на независноста.

Ова е дел од ставот на поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, поранешна уставна судијка и актуелен судија во Врховниот суд, Мирјана Лазарова-Трајковска, што таа го споделува во интервју за „Республика“, а во врска со последните случувања во Судскиот совет, околу кои сè уште не стивнуваат реакциите во јавноста.
Весна Дамева на 26 април беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет во контроверзна постапка, која дел од стручната јавност ја спореди со класичен „пуч“, а на иницијатива на заменик-претседателот на ова тело, Селим Адеми, кој во нејзино присуство го стави на дневен ред предлогот за нејзино разрешување. Граѓанските организации и дел од стручната јавност реагираа дека разрешување на претседателот на Судскиот совет не е предвидено ниту во Законот за Судски совет ниту во Деловникот со кое е регулирана работата на ова тело. По две одложени седници, на 4 мај Судскиот совет на седница која беше закажана надвор од работното време за нов претседател на Судскиот совет го избра Сашко Георгиев.
Дали членовите на Судскиот совет и заменик-претседателот Селим Адеми можат да бидат повикани на одговорност поради начинот на кој ја разрешија Дамева, Лазарова Трајковска вели дека одговорноста може да биде повеќенасочна за постапувањето на начин и во постапка која не е пропишана со закон.
„Ние во изминатата седница ги видовме членовите предложени од политиката во меѓусебна расправа на процедурално неподготвена седница на Судскиот совет. Токму во контекст на загриженоста за независноста на Судскиот совет, во изминатата недела слушнавме многу јавни повици за одговорност, не само на потпретседателот, туку и на членовите на Судскиот совет во врска со постапката за разрешување на претседателката на тој совет. Некои повикуваа на оставки, други на разрешување, а еминентни професори го повикаа и јавниот обвинител да ја истражи работата околу овие случувања, што ќе значи дека препознаваат и елементи на кривична одговорност, па во тој контекст беа спомнувани и конкретни кривични дела. И навистина, одговорноста може да биде повеќенасочна за постапувањето на начин и во постапка која не е пропишана со закон“,
вели судијката.
Таа потсетува дека во Законот за Судскиот совет е предвидена дисциплинска одговорност за членовите на Судскиот совет и тоа беше воведено по укажувањата на експертската група предводена од професорот Рајнхард Прибе, но, вели, се поставува прашањето дали е тоа реално применлив пат кога мнозинството од членови е вклучено во една таква постапка и сами против себе нема да покренат постапка.
„Но, образложено барање за поведување постапка за дисциплинска одговорност на член на Совет до Судскиот совет може да поднесат и најмалку 20 судии. Секако, остануваат и други форми на повикување на отчетност од тие што ги предложиле“,
вели Лазарова-Трајковска.
Според судијката, од исказот на потпретседателот на Советот, Селим Адеми, очигледно е толкувањето на процедурите од аспект на целта која се сакало да се постигне.
„Колку што мене ми е познато, ова е првпат самиот Судски совет да покрене постапка за разрешување на претседател на ова тело. Од исказот на потпретседателот, ние добивме впечаток дека овде се работи за неправилно толкување на процедурата и користење на аналогија дека ако Советот носи одлуки со мнозинство од присутните членови, тоа важи и во овој случај. Очигледно е толкување на процедурите од аспект на целта која се сакало да се постигне. Следејќи ги случувањата во Судскиот совет, се обидов за направам анализа какви се искуствата во земјите каде има Судски совет или тело слично на ова. Од перспектива на Европскиот суд за човековите права, за прекин на мандатот на член на високо тело слично на Судскиот совет и тоа со законски реформи, судот расправал во предметот на Бака против Унгарија. Понатаму, за потребите на Големиот судски совет, во предметот Грзеда против Полска, Европскиот суд за човековите права има спроведено компаративно истражување на домашното право и практики во 41 држава членка на Конвенцијата за прашањето за предвремено прекинување ex lege на мандатот на судијата како член на Судскиот совет. Мнозинството од анкетираните држави (во 24 земји) немаат претходно искуство со донесување закони што резултирало со предвремен престанок на функцијата член на Судски совет, а не, пак, на претседател на тоа тело, и нема индиции дали тоа е хипотетички можно во нивните системи. Сепак, три земји се соочиле со релевантни ситуации во минатото; две од нив вовеле преодни одредби во однос на мандатите што постоеле во времето на влегувањето во сила на новиот закон. Спротивно на тоа, во четири други земји, законодавната интервенција од овој вид, би имала ризик да биде прогласена за неуставна врз основа на тоа дека би навлегла во судската независност“,
вели Лазарова-Трајковска во интервјуто.
Нејзиниот заклучок во врска со ова прашање е дека влегувањето во мандатот на член, па во тој контекст и во мандатот на претседател на Судски совет е исклучително комплексна работа и за тоа не се прифатливи импровизации, туку мора да постои јасно разработена и со закон утврдена постапка.
„Ова од причини што важна улога игра рамнотежата помеѓу користа од функционирањето на демократските институции и безбедноста на мандатот“,
посочува судијката.
На прашањето за коментар на повлекувањето на одлуката за разрешување на претседателката Дамева, па повторно гласање за разрешување и на крај избор на нов претседател и сето тоа на затворена седница на Судскиот совет, Лазарова-Трајковска е децидна дека Законот за Судскиот совет, транспарентноста во работата на ова тело ја става на посебно место.
„Советот мораше да се состане на јавна седница независно што расправале и како одлучувале. Одлучувањето зад затворени врати не смее да биде правило за работа, бидејќи со законот јасно се утврдени исклучоците за држење на седници зад затворени врати, а особено не по претходно јавно одржаната седница“,
вели таа.
Според Лазарова-Трајковска, тоа што Весна Дамева пред да стане член на Судскиот совет беше стручен соработник, е хендикеп не само за неа, туку за секој кој нема искуство од судиска работа да биде на чело на ова судско самоуправно тело.
„Без да ги спорам личните квалитети, иако госпоѓа Дамева како стручен соработник беше дел од правосудството, хендикеп е не само за неа, туку за секој кој нема искуство од судиска работа да биде на чело на ова судско самоуправно тело. Во државите и во правосудните системи каде постојат судски совети или тела слични на Судскиот совет, кои одлучуваат за избирање, унапредување и разрешување на судии од сите степени на судството, се води сметка членовите на судскиот совет, независно кој ги предлага, да бидат од повисоките судови како апелациски, врховни или касациони судови. Онаму каде што се бираат членови на предлог на другите власти, извршна и законодавна, тоа мора да бидат правници со долгогодишно работно искуство во различни области на правото за тие со своето искуство и знаење да влеваат доверба и да придонесат во градењето на интегритетот на Судскиот совет, но пред сѐ и над сѐ да бидат чувари на независноста на судството. Затоа, уште на самиот почеток на избор на членови во овој и претходните состави на ова тело, стручната јавност сметаше дека е хендикеп тоа што терминот истакнат правник, не само што Законот за Судски совет не го дефинира и разработува во критериуми, туку и во пракса при предлагањето, тој доби многу растегливо поимање и примена“,
вели судијката.
Лазарова-Трајковска во интервјуто за „Республика“ говори и за контроверзите со изборот на Ислам Абази за шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, за Академијата за судии и јавни обвинители, какви реформи му се потребни на правосудството.
На директно прашање дали таа лично се соочила со политички притисоци, поранешната судијка на ЕСЧП и актуелен судија на Врховниот суд вели дека имало ситуации кога го почувствувала „здивот“, не на директни, туку на обиди за индиректни влијанија.
„Политичките притисоци не мора да бидат изразени со директно пристапување од некои политички фактори. Тие може да бидат суптилно пренесени од колеги, новинари, од други учесници во постапките. Во годините зад мене сум поминала низ многу институции, а во последните 20 години во високи судски институции и имало ситуации кога сум го почувствувала „здивот“, не на директни, но секако на обидите за индиректни влијанија. Во мојот случај, тоа ме прави да бидам уште повнимателна и фокусирана на правните аспекти на предметот и да се апстрахирам од помислата за се друго“,
вели таа.
Целото интервју со судијката Мирјана Лазарова-Трајковска може да го прочитате ТУКА.
Поврзани вести:
- Превирања во Судски совет: Дали изборот на нов претседател се одолговлекува зашто Дамева не е формално разрешена?
- Караници во Судскиот совет по писмото на амбасадорката Агелер
- Ставањето на тапет на судијата што го спаси Мијалков е можна причина за хаосот во Судски совет, смета судијката Вера Коцо
- Петковска од коалиција „Сите за правично судење“: Членовите на Судскиот совет да се одважат и да поднесат колективна оставка