Овој страшен напад дополнително ја нагласува неопходноста од превентивна дипломатија и дијалог, што беше нагласено минатата недела за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, пишува Лајчак

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, вели дека инцидентот на северот на Косово е длабоко загрижувачки и е во спротивност со принципите на мирот и соработката.
Лајчак на својот фејсбук-профил напиша дека по вчерашниот инцидент на северот на Косово, во наредните денови „ќе се фокусира на изнаоѓање пат напред“.
„Овој страшен напад дополнително ја нагласува неопходноста од превентивна дипломатија и дијалог, што беше нагласено минатата недела за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк“,
пишува Лајчак на Фејсбук.
Претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина изјави дека во Њујорк имал стратегиски разговори со американските партнери со цел да се најде пат напред во регионот, а особено во дијалогот меѓу Косово и Србија.
Ситуацијата на северот на Косово од вчера е тензична по убиството на еден косовски полицаец во напад на вооружена група кај селото Бањска, кај Звечан. Во нападот беше повредено уште едно лице.
Како што информираа вчера од косовската полиција, во престрелката со вооружената група досега се убиени тројца напаѓачи, двајца се уапсени, а четири лица фатени со радиоврски кои нелегално ги поседувале се исто така меѓу осомничените.
Според последното соопштение на косовската полиција, објавено доцна синоќа, уапсен е уште еден од напаѓачите, кој исто така бил во воена униформа и вооружен со оружје со долг дострел и муниција.
Полицијата синоќа го зазеде манастирот Бањска, каде што групата се засолни по нападот и продолжи со огнот кон припадниците на косовските безбедносни сили.
По нападот, косовскиот премиер Албин Курти обвини дека косовската полиција е нападната од непознати маскирани лица и додаде дека Србија директно е одговорна за овој терористички напад со кој, според него, е направен напад против косовската држава.
„Убиството и насилството на северот го вршат овие мажи – вооружени и организирани професионални сили во оклопни возила без регистарски таблички. Дозволете ми да повторам: овие терористички напади не ги извршуваат обичните граѓани на Косово, Србите, туку војниците поддржани од српската држава“,
напиша Курти на социјалната мрежа „Икс“.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ, во синоќешното вонредно обраќање, рече дека убиството на косовски полицаец е апсолутно за осуда, но дека Курти е единствениот виновен за она што се случи на Косово.
Вучиќ ги отфрли наводите за вмешаност на српската војска или полиција и рече дека „Србите од Косово се побунија не сакајќи повеќе да го трпат теророт на Курти“.
Идентичен став со Вучиќ синоќа во гостување на ТВ Пинк изнесе и премиерката Србија, Ана Брнабиќ која рече дека единствениот виновник за случувањата е косовскиот премиер Албин Курти и дека тоа е неговиот животен сон.
