Сега во Скопје, како што рече Петличковски, има над 170 деца и возрасни со голема кашлица и над 200 во државата. Очекувањата, вели Петличковски, се дека тој број ќе расте и најави дека е можно во следните недели да излезат со построги епидемиолошки мерки, но сето тоа зависи од развојот на ситуацијата

Децата кои имаат примено три дози од вакцината ди-те-пер за голема кашлица ќе можат да посетуваат градинка, условот е четвртата доза од вакцината да ја примат најрано после шест месеци од примањето на третата доза. Ова е заклучокот по денешниот состанок на Комисијата за заразни болести.
Претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски рече дека не може да каже кога Министерството ќе достави известување до градинките, но може да се очекува тоа да биде денеска или во следните денови.
„Деца кои примиле три вакцини во последните шест месеци и сега им следи ревакцина, која во стандардниот календар беше препорачано да се прима на една година, сега го кратиме тој период на шест месеци. Овие деца кои ја завршиле примовакциналната серија во овие шест месеци треба да им биде дозволено да влезат во градинка со напомена дека оваа вакцина треба да ја примат после шест месеци најрано од примањето на третата доза“,
рече Петличковски.
Според него, состојбата со голема кашлица во земјата, како што кажа, не е добра и не е стабилна, а до неа е дојдено заради многу години наназад неодговорно однесување на многу граѓани.
„Оној податок од 50 отсто вакцинирани деца по градинките е поразителен за државата и тука мора многу да работиме“,
рече Петличковски.
Сега во Скопје, како што рече Петличковски, има над 170 деца и возрасни со голема кашлица и над 200 во државата. Очекувањата, вели Петличковски, се дека тој број ќе расте и најави дека е можно во следните недели да излезат со построги епидемиолошки мерки, но сето тоа зависи од развојот на ситуацијата.
Петличковски рече и дека не постојат некакви потврди за привремена спреченост од вакцинација, кои често родителите ги бараат.
„Постојат само потврди за трајна спреченост од вакцинација, тие се тие потврди кои се издаваат од тричлена комисија на Клиниката за детски болести, но вакви потврди за привремена спреченост не издаваат и не се валидни ниту од матичен лекар, ниту од Клиника, ниту од друга некаква комисија“,
додаде Петличковски.
Според Александра Грозданова од Комитетот за имунизација проценката е дека од медицински и имунолошки здравствен аспект детето вакцинирано со три дози во последните шест месеци ќе биде оптимално заштитено со цел да може да продолжи да посетува градинка со напомена дека ревакцината мора да биде примена во наредните шест месец.
„Имунолошкиот аспект на детето ќе биде целосен ако се задоволени двата услови. Во шесте месеци да бидат примени тие три дози од примо имунизацијата, но задолжително да се прими ревакцината, којашто временскиот период го скративме, наместо од последната доза на вакцина една година, го скратуваме на шест месеци. Тоа се препораките до родителите. Да го сфатат овој апел со цел нормално да соработуваме, но, приоритет е здравствената заштита на децата. Се’ уште епидемиолошката состојба е далеку од добра и се зголемува. Имаме во градинките, имаме во училиштата, во ризик ќе бидат и возрасните. Апелираме до родителите најитно да се упатат во вакциналните тимови и овој редослед на вакцини го остварат “,
рече Грозданова.
Според протоколот што го изработиле, како што рече Грозданова, редоследот на вакцината за ди-те-пер е два, четири и шест месеци, според редовниот календар.
„Во состојби кога имате прогласено епидемија од здравствен аспект, епидемиолошки имате можност за тој размак од два месеци го намалите на еден месец помеѓу дозите, што значи ќе имате 0, еден и два. Тоа значи дека циклусот за комплетната вакцинација може да се заврши во два месеци. Тоа го дозволува и самата вакцина и ние го донесовме според Протоколот издаден од Комисијата за заразни болести како препорака со цел повторно да направиме позабрзан временски период за вакцинација на децата“,
рече Грозданова.
На прашањето дали од утре ќе може да се враќаат децата кои немаат примено прва доза од МРП вакцината, Петличковски одговори негативно и додаде дека оваа дискусија не се однесува на опфатот со МРП вакцината.
Грозданова рече дека уште од јануари, Комитетот до вакциналните тимови официјално веќе испратил препорака, секое дете, кое доаѓа да ја прими според хронолошката возраст онаа ревакцината што е на 18 месеци, бидејќи МРП најрано се прима на 13 месеци, да се искористи ревакцинацијата на ди-те-пер и заедно да се прими и МРП.
„Официјален допис веќе има. Во ист ден можат да се примат двете вакцини и веќе имаме пракса во вакциналните тимови. Од јануари тоа го практикуваат во соработка со родителите да им се објасни дека не постои никаков проблем да се примат и двете вакцини во истиот ден“,
додаде Грозданова.