На новинарска констатација дека во јавноста има различни толкувања на терминот целосно вакцинирани деца, односно дали се работи за вакцината која се прима во три дози или ја опфаќа и ревакцината, Демири посочи дека Комисијата за заразни болести (КЗБ) утре треба да даде толкување на донесената одлука за забрана за прием на невакцинирани деца сои ди-те-пер во градинките низ земјата
Дете што примило три дози ди-те-пер се смета за целосно вакцинирано. Трите дози треба да се примат во вториот, четвртиот и шестиот месец од возраста на бебето. Ревакцините следуваат на 10-месечна возраст и на 7-годишна возраст на детето. Забраната за прием во градинка треба да важи за невакцинираните деца кои не ги примиле трите дози. Сепак, Комисијата за заразни болести утре (КЗБ) на состанок ќе даде мислење дали забраната за прием на невакцинирани деца во градинките важи само за децата кои не ги примиле трите дози од вакцината или и за оние што не ја примиле ревакцината на 18 месеци. Ова на денешната прес-конференција го рече министерот за здравство Илир Демири кој смета дека Комисијата за заразни болести треба да го прецизира толкувањето на одлуката, но дека сега најважно е јавноста да биде сензибилизирана за важноста од вакцинација зашто, како што посочи, во Скопје е подигнато портокалово знаме за опасност на епидемија од голема кашлица.

Според Демири, има 14 илјади деца кои не се вакцинирани од ди-те-пер и затоа не треба да чекаме епидемија од голема кашлица да биде прогласена на целата територија на државата.
„Вакцинирано дете подразбира дека ги имаме примено трите дози на ди-те-пер, а некомплетно вакцинирано е ако примило втора, а не примило трета доза од вакцината. Дали е ревакцинирано е друго прашање. Вакцината се спроведува во вториот, четвртиот и шестиот месец и тогаш не гледам причина детето да не присуствува во градинка. Значи забраната треба да важи за пациенти кои не се вакцинирани. Сепак, фокусот треба да биде кон сензибилизација, зашто сега сме пред една епидемија која може да порасне,
рече Демири.
На новинарска констатација дека во јавноста има различни толкувања на терминот целосно вакцинирани деца, односно дали се работи за вакцината која се прима во три дози или ја опфаќа и ревакцината, Демири посочи дека Комисијата за заразни болести утре треба да даде толкување на донесената одлука за забрана за прием на невакцинирани деца со ди-те-пер во градинките низ земјата.
„Сите формалности на толкување на забраната ќе се решат утре по состанокот на Комисијата. Ова првпат се случува и затоа сакам да бидам концизен и да не излегуваме со различни ставови. Ќе има унифициран официјален став како треба да се постапува. Тоа ќе го почитуваме сите и јас како министер“,
вели тој.
Според него, со оваа одлука не е направен хаос во градинките оти, како што рече, поголем хаос е ако децата не се вакцинираат.
„И родителите и сите треба да имаме трпение“,
рече тој.
Засилените инспекциски контроли во градинките почнаа во понеделникот, откако минатата недела Комисијата за заразни болести даде ваква препорака, како и да се овозможи тестирање на територијата на цела држава за пертусис, но и водење задолжителна дигитална евиденција за вакцинација.
Од Министерството за здравство, ден подоцна, информираа дека министерот ги прифаќа препораките и донесе одлука со која на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе му наложи да врши вонредни инспекциски надзори.
Од почетокот на оваа недела кога поради прогласена епидемија на голема кашлица во Скопје стапи во сила забраната за прием на целосно невакцинирани деца, а родителите не можат да ги остават своите деца, ако не се вакцинирани.
Според докторите, има случаи кога поради одредени здравствени причини детето не може да ја прими вакцината на 18 месеци и таа може да биде одложена за подоцна.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Рената Младеновска, рече дека речиси 50 отсто од децата кои посетуваат градинки во Скопје се невакцинирани или нецелосно вакцинирани со ди-те-пер. За разлика од Скопје, во останатите градови покриеноста со имунизација со ди-те-пер е над 95 отсто.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, од 1 до 7 март се регистрирани 50 нови случаи на голема кашлица, а најголем дел од случаите се пријавени во Скопје – 43, во Тетово – три, по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и во Битола.
Од новите случаи, пет се хоспитализирани. Станува збор за четири бебиња на возраст под една година и едно дете од возрасната група од една до четири години.