Таа додаде дека со назначувањето на Ристова се враќа „сваровски судството“ кое ќе биде продолжена рака на Мицкоски и неговата партија
Не стивнуваат реакциите од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) околу изборот на Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип за нов член на Судскиот совет од редот на судиите, а која е сопруга на актуелниот градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ацо Ристов.
Два дена откако Ристова беше избрана, СДСМ денеска повторно обвинува дека власта наместо реформи спроведува брутална партизација и окупација на судството.
„Додека јавно се врши притисок врз Судскиот совет, избран е првиот судија од тефтерчето на Мицкоски. Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ е назначена за член на Судскиот совет. Тоа е уште една потврда дека целта на власта е потполна контрола врз судството и ништо друго“,
рече денеска на прес-конференција партиската портпаролка Богданка Кузеска.
Таа додаде дека со назначувањето на Ристова се враќа „сваровски судството“ кое ќе биде продолжена рака на Мицкоски и неговата партија.
„ВМРО-ДПМНЕ се обидува да создаде партиски контролиран судски систем кој ќе служи како нивна алатка за политички прогон и заштита на криминалот во редовите на власта. Ова е истиот рецепт од времето на Груевски, кога судиите беа алатки на режимот, а правдата беше глува за граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ сака да биде и судија и егзекутор, да дели партиска наместо законска правда“,
додаде Кузеска.
Кузеска повтори дека од партијата со месеци предупредувале дека ова не е изолиран случај, туку јасна стратегија на премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија, во која судиите ќе бидат само пиони што ќе носат одлуки според партиски директиви.
Обвинувајќи дека партизација се случува и во безбедносните агенции, независните регулаторни тела и други институции, Кузеска ги повика сите демократски сили да застанат цврсто против обидите за партиска контрола врз судството.
„Ова е битка за демократијата, за владеењето на правото и за иднината на нашата држава“,
додаде таа.
Реакција од СДСМ околу изборот на Данка Ристова имаше веднаш по изборите што се одвиваа во изборните места во сите судови ширум земјава, кој го оценија како скандалозен.
Судијата Аритон Ала бил единствениот кандидат на изборната листа за избор на член на Судскиот совет од редот на судии од посебна листа на кандидати. За избор на член на Советот од апелациското подрачје Штип, пак, имало пет кандидати, а судијката Данка Ристова добила најголем број гласови.