За Мицкоски извршена е нарачка на бизнис-карта, цена на повратен билет 237.072 денари или 4000 евра. Но тоа не е најскапата карта која е платена за ова патување – картата на министерот Мисајловски е платена 280.000 денари, а останатите две карти, на министрите Панче Тошковски и Тимчо Муцунски, се платени околу 4500 евра секоја, посочи Кузеска
Човекот познат по скапите часовници од 60.000 евра влегол во улога на султан, па решил парите на граѓаните да ги троши за сопствени луксузирања, преку патувањето до Вашингтон со бизнис-класа, обвини портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. На денешната прес-конференција таа рече дека откриваат голем скандал за патувањето во Соединетите Американски Држави на НАТО-самитот од страна на владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
„Денеска ја откриваме точната сума на нарачаните карти за него, а за да биде скандалот уште поголем, дознаваме и дека сите негови министри патувале со бизнис-класа. Бизнисмените од Владата, кои милуваат да кажат дека се луѓе од народот, потрошиле сите поединечно помеѓу 4 и 5000 евра само билетите од бизнис-класа! Според нашите информации, за Христијан Мицкоски извршена е нарачка на бизнис-карта, цена на повратен билет 237.072 денари или 4000 евра“,
рече Кузеска.

Да биде скандалот поголем, како што рече Кузеска, тоа не е најскапата карта која е платена за ова патување. Картата на Министерот за одбрана Владо Мисајловски е платена 280.000 денари, а останатите две карти, на министрите Панче Тошковски и Тимчо Муцунски, се платени околу 4500 евра секоја.
„Речиси 20.000 евра ги чини граѓаните само удобното патување на Мицкоски и министрите за Вашингтон! Ова ли е тоа душманско трошење на буџетот за кое секој ден беседи Мицкоски? Има ли образ да излезе и да ги оправда овие суми, додека зборува за домаќинско работење? Затоа ли Тимчо Муцунски со денови ги крие трошоците кои се направени на ова патување? Прашуваме, колку пари се потрошени по хотели и други трошоци на државна сметка?“,
посочи Кузеска.
Кузеска ги повика Обвинителството и Антикорупциската комисија да се произнесат за овие слуачи.
„Ветуваа домаќинско работење, се луксузираат во бизнис-класи. Ветуваа транспарентност, се кријат од јавноста со денови. Ветуваа борба против криминал и корупција, а генералниот секретар на Владата, Јанушев, молчи за 325.000 евра поклон кој го добил како градежно земјиште во Центар? СДСМ грешеше кога велеше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде само обична копија на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е далеку полошо, поизмамничко и понечесно“,
изјави портпаролката на СДСМ.