Таравари, рече таа, од една страна вели дека тој договор ќе биде само седум-осум години и потоа нема да има Клинички центар, а Мицкоски, како што рече, го имаме со друга изјава во која кажа дека нема да се гради нов клинички центар

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска, вели дека документот во однос на стопанисувањето со паркингот на Клинички центар треба да биде јавно достапен.
„Власта вели дека немаат договор, но не велат дека нема да го потпишат договорот. Изјавите на Тарвари и на Мицкоски се целосно контрадикторни. Сега откако видоа дека реакциите на јавноста се навистина бурни во однос на паркингот на Клиничкиот центар со оглед на тоа дека еден отсто од профитот е само за државата, а 99 отсто се за фирмата од Албанија којашто би го работела паркингот, тогаш документот пред се треба да биде јавно достапен“,
рече Кузеска денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Таравари, рече таа, од една страна вели дека тој договор ќе биде само седум-осум години и потоа нема да има Клинички центар, а Мицкоски, како што рече, го имаме со друга изјава во која кажа дека нема да се гради нов клинички центар.
„Значи, или тие ја лажат јавноста или меѓусебе не се договорени или станува збор дека навистина се фатени на дело, за некои провизии и токму затоа веќе даваат различни изјави со што прават конфузија во јавноста“,
додаде Кузеска.
Договорот за изградбата на катни гаражи кај Клинички центар е тема која е актуелна деновиве, откако „Призма“ објави дека нив ќе ги гради компанијата „Ѓока констракшн“ од Албанија.
На огласот, кој беше распишан на 15 ноември, се јавила само „Ѓока констракшн“.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчера рече оти не знае зошто се крева паника околу случајот со изградба на катни гаражи кај Клиничкиот центар во Скопје бидејќи, како што вели, договорот со албанската компанија „Ѓока констракшн“, за која постојат најави дека ќе стопанисува со паркингот, сè уште не е потпишан.
Премиерот Христијан Мицкоски во петокот изјави дека во врска со стопанисувањето на паркингот на Клинички центар се уште нема одлука на Влада, а договор не е потпишан, и како што кажа, „ако јавноста вели не сакаме, нема да го потпишеме“.
Премиерот се повика на физибилити студијата изработена од претходната влада според која паркингот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ треба да биде менаџиран од приватен оператор.
Како што објави „360 степени“, во огласот се превидува приватниот партнер да изгради две катни монтажни гаражи, да стопанисува со целиот паркинг на Клинички, а за возврат државата да добие еден отсто од вкупните остварени годишни приходи.
Владата на седница во август минатата година донесе одлука да се градат монтажни катни гаражи на Клиничкиот центар со јавно-приватно партнерство и формираше Комисија за спроведување на постапката.
Сега со паркингот на Клинички стопанисува ЈП „Градски паркинг“ Скопје.