Сите, нагласува канцеларот, ќе изгубиме од непотребно одложување на процесот и порачува дека иднината на целиот регион е во ЕУ, а тоа е и од стратешки интерес на Унијата
Австрискиот канцелар, Себастијан Курц, во интервју за магазинот „Корд“ најавува дека Австрија ќе се залага Северна Македонија и Албанија да ги започнат преговорите со ЕУ во првата половина од 2021.
„Австрија продолжува да го поддржува регионот на Западен Балкан на патот кон членство во ЕУ. Северна Македонија, особено, стана добар пример за кандидат и жалам што не беше можно да се отворат преговорите во 2020. Австрија ќе се залага задоцнетите преговори со Северна Македонија и Албанија да започнат во првата половина од 2021 година“,
вели Курц во интервјуто.
Сите, нагласува канцеларот, ќе изгубиме од непотребно одложување на процесот и порачува дека иднината на целиот регион е во ЕУ, а тоа е и од стратешки интерес на Унијата.
Тој ја коментира и Србија велејќи дека има јасна перспектива кон ЕУ, досега отворила 16 поглавја и две привремено затворила. Курц го поздравува тоа што новата српска влада дава приоритет на евроинтеграцијата, на јавното здравје и економскиот раст, но и на дијалогот со Косово. Исто така, порачува дека има одговорност да ги заврза реформите и даде конкретни резултати во владеењето на правото и други области.
Тој исто така изјави дека Австрија останува пријател на Западен Балкан и во време на кризата и дека поддршката на регионот во борбата против пандемијата со ковид-19 е нејзин главен приоритет. Потсети дека Австрија неодамна ветила 2,4 милиони евра за механизмот Ковакс за набавка на вакцини, како и дека ЕУ одлучи да стави на располагање 70 милиони евра за вакцините за Западен Балкан.
