Косовскиот премиер денеска изјавил дека група Срби кои го напуштиле Косово вежбаат на воени полигони на војската на Србија, наводи кои српското Министерство за одбрана веднаш ги демантираше
Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека поранешниот потпретседател на Српска листа и водач на вооружениот напад кај селото Бањска, Милан Радоичиќ подготвува нови напади на Косово.
Курти на прес-конференција, без да презентира конкретни докази, рекол дека Радоичиќ има редовни состаноци со српски разузнавачи, а споменал и неколку локации во Србија, вклучително и воени полигони за обука, каде што наводно тренираат членовите на групата на Радоичиќ, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
„По терористичкиот напад, српскиот суд во рекордно време го ослободи Радоичиќ. Тој сега ги продолжува подготовките за други напади на Косово заедно со некои од членовите на терористичката организација „Граѓанска одбрана“,
рекол Курти.
Премиерот на Косово изјавил и дека оружјето употребено во нападот во Бањска било складирано во „српска компанија која е на црната листа на Соединетите Американски Држави“.
Тој, исто така, излегол со тврдења дека група од 80 лица кои го напуштиле Косово „продолжуваат со вежби на полигонот Зимовник кај Рашка“ и дека вежбите ги водат пензионирани српски војници.
Курти на прес-конференцијата го критикувал и косовското обвинителство затоа што и по три месеци од нападот кај Бањска сè уште нема никакви информации, ниту обвинение, наведувајќи оти тоа е неприфатливо бидејќи станува збор за „најголемиот напад врз уставниот поредок и територијалниот интегритет на Косово“.
Српското Министерство за одбрана ги отфрли наводите на Курти дека полигони на војската на Србија се користат за обука на паравоени групи. Оттаму велат дека полигонитесе користат единствено за обука на единиците на армијата на земјата и повремено на Министерството за внатрешни работи.
Министерството за одбрана на Србија, исто така, ги отфрли и наводите за вмешаност на војската на земјата во настаните во Бањска, како и за поврзаност со „непостоечки терористички групи кои планираат напад“ на Косово.
На изјавите на косовскиот премиер реагираше и директорот на Канцеларијата за Косово на владата на Србија, Петар Петковиќ, кој рече оти е „апсолутна лага дека Белград се подготвува за напад“.
На 24 септември група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција кај Бањска. Во нападот беше убиен полицискиот старешина Африм Буњаку, а во престрелката беа убиени тројца припадници на групата.
Инцидентот предизвика нови тензии меѓу Косово и Србија. Приштина тврди дека нападот е организиран од Белград, додека српските власти од друга страна ги негираат ваквите наводи.
Поранешниот потпретседател на најсилната српска партија на Косово, Милан Радоичиќ преку својот адвокат ја презеде одговорноста за нападот кај Бањска, тврдејќи дека самиот го организирал и за тоа не информирал никого.
Радоичиќ на 3 октомври беше приведен во Белград под обвинение за „здружување за вршење на кривични дела, недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и експлозивни материи и тешки кривични дела против општата безбедност“.
Тој беше ослободен еден ден подоцна со услов да не ја напушта Србија и му беше забрането да оди на Косово.
На почетокот на декември Интерпол на барање на Косово по него распиша потерница.