Косовскиот премиер, Албин Курти во изјава за шпански „Ел Паис“ кажа дека Шпанија треба да ја признае независноста на неговата држава, затоа што, според него, случаите на Каталонија и на Баските не се исти како случајот на Косово, јавува дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното интервју, што го пренесуваат медиумите во Приштина, Курти вели дека признавањето на косовската држава би ѝ помогнало на Шпанија да демонстрира дека случаите не се исти, затоа што „Србија извршила геноцид во Косово“.
„Шпанија треба да се согласи и да го признае Косово. Знам дека има одредени поплаки, меѓутоа, како што рече и нашиот голем писател, Исмаил Кадаре кога ја доби наградата „Принц на Астурија“, Шпанија не треба никогаш да се споредува со Србија, бидејќи Србија изврши геноцид во Косово. Верувам дека, токму со признавањето на Косово, Шпанија ќе покаже дека Каталонија и Баските се различен случај“,
изјави Курти.
Инаку, Шпанија е една од петте држави членки на ЕУ, заедно со Романија, Словачка, Грција и Кипар, кои не ја признале независноста на Косово, која беше прогласена во 2008 година.