Самоопределување има околу 43 проценти од гласовите, но резултатот претставува значителен пад за Курти во споредба со претходните изборни циклуси, кога во декември достигна над 51 процент и освои убедлива победа
Движењето Самоопределување на премиерот Албин Курти освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори одржани денеска. По пребројувањето на најголемиот дел од гласачките ливчиња, Самоопределување има околу 43 проценти од гласовите, пред Демократската партија на Косово со околу 22 проценти и Демократскиот сојуз на Косово со речиси 18 проценти.
Од обработени 99 отсто од избирачките места, податоците на страната на Централната изборна комисија, покажуваат 297 286 гласови за Самоопределување, 145 873 за Демократската партија и 121 956 за Демократскиот сојуз.

Сепак, изборниот резултат не води кон излез од политичката криза, со оглед на тоа што Курти освои помалку гласови од изборите одржани пред шест месеци.
Резултатот претставува значителен пад за Курти во споредба со претходните изборни циклуси, кога на изборите во февруари 2025 година неговата партија освои околу 42 проценти од гласовите, додека на предвремените избори во декември 2025 година достигна над 51 процент и освои убедлива победа.

Сегашните изборни резултати, како што пишува „Коха“, може да значат „враќање“ на политичката сцена во февруари 2025.
По изборите во февруари 2025 година, Собранието не успеа да избере влада и Косово одржа нови избори во декември. Политичката криза се продлабочи и по изборите во декември, кога беа неуспешни обидите за избор на претседател, па беа распишани третите предвремни избори за период од година и половина.
