Мери Дика-Ѓорѓиеска е првиот сведок кој денеска зборува во судница во продолжението за случајот „Рекет“. Таа е пријателка на мајката на Бојан Јовановски-Боки 13 и е во кумство со обвинетиот.
На прашањата на обвинителката Гордана Смаќоска, таа зборуваше за периодот кога Бојан Јовановски се вратил од Белград, односно кога се формирал „Меѓународниот сојуз“, а потоа и телевизијата 1 ТВ, а најмногу за финансиската положба на обвинетиот.

„Кога се врати од Белград, се занимаваше со проекти за заштита на ранливи категории граѓани кои беа финансирани од ЕУ“, рече Дика.
Нејзиното испрашување понатаму обвинителката го продолжи со прашања за станот на Јовановски во Орман и за автомобилот. Дика рече дека, колку што неа ѝ е познато, Бојан заработувал пари од проектите, а за автомобилот посочи дека според нејзините сознанија бил земен на отплата.
Обвинителката ја праша и за патувањето во Милано на кое била таа со Боки и со неговата мајка Јасмина, при што Дика зборувајќи за престојот таму рече дека не знае што купувал обвинетиот, но дека на враќање на нејзино име пополниле два формулари за поврат на данок.
„Се работи за два формулари за враќање данок, тоа е стока купена од Јасмина, мајката на Бојан. Ме замоли да го дадам пасошот да биде на мое име, и јас го дадов. Тоа се само два формулари, не се некои големи суми“,
рече Дика.
Прашања поставуваше и Боки, кој преку нив сугерираше дека бил исклучително близок со Дика.
„Ќе се согласите ли со мене дека, покрај тоа што сте биле пријателка со мојата мајка, сте имале секојдневна комуникација со мене која била исклучително блиска, како мајка и син?“,
праша Боки.
„Да, само не секојдневна“, одговори кусо Дика, а обвинетиот ја праша дали покрај патувањето во Милано имале и други заеднички патувања.
„Сега да ги редам сите одмори од 55 години дружење? Не знам какво е ова прашање, и да и не“, одговори Дика.

По неа во судница влезе шефицата на кабинет на Јанева, Сања Димовска.
Судењето е во тек.