Јавното обвинителство од Куманово поднесе предлози за казни за пет лица. Едното лице непочитувало мерка за самоизолација, друго се движело за време на полициски час, а останатите тројца предизвикале тепачка, исто така, за време на полициски час.
Првиот обвинет на 19 март пристигнал од Хрватска, земја со среден ризик за ширење на заразната болест ковид-19. Иако при влез во државата потпишал изјава дека ќе спроведе самоизолација во период од 14 дена во неговиот дом, при контролата од страна на полициски службеници обвинетиот не бил затекнат во неговиот дом.
Вториот обвинет се движел пеш низ градот во период од 21 до 5 часот.
Останатите три лица на 24 март во 22:15 часот заедно отишле во дом на друго лице од Куманово со кого имале претходни несогласувања. Обвинетите започнале вербална расправија, а потоа и физичка пресметка. Поради нарушување на јавниот ред и мир, биле повикани полициски службеници, кои констатирале извршено кривично дело од страна на обвинетите и тоа по основа на непочитување забрана и посебен режим на движење во период од 21 до 5 часот.
Обвинителството на Основниот суд во Куманово му предложи на секој од обвинетите да им изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, секоја од нив во висина од по 20 евра во денарска противвредност, или казна по 2000 евра поединечно за секој од обвинетите.