Димитриевски најави и кривична пријава против директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Иринка Сотирова-Бухова
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски побара од Одделот за внатрешна контрола на МВР да истражи како и зошто била поднесена кривична пријава против него за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија, која ОЈО ја отфрли.
„И тогаш верував и денеска верувам во институциите на системот и верувам дека овој предмет ќе резултира со разрешница, бидејќи оваа држава мора да изгради капацитети коишто без разлика на политичките притисоци ќе функционираат и ќе работат непристрасно и крајно професионално. Убеден сум дека во МВР има професионалци коишто можат да ја истераат таа работа до крај“,
рече Димитриевски.
Тој го повика МВР да излезе со извештај во кој ќе бидат дефинирани сите евентуални прекршувања по однос на самата постапка и причините поради кои била поднесена кривична пријава.
Димитриевски посочи дека во ниту еден момент не бил повикан на распит и дека во самата постапка биле изнесени податоци во јавноста, за што ќе бара одговорност од директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Иринка Сотирова-Бухова.
„Моите сознанија и она што го имаме дадено во претставката е дека во самата постапка ниту во еден момент не сум повикан на распит во полиција или, пак, некој побара мислење или став од мене во самата предистражна постапка. Во самата постапка имам формирано документација од личен карактер од страна на претставници – полициски службеници, а знаете тоа јавно го обелоденив дека во самата постапка дел од податоците коишто беа прибрани од страна на други надлежни органи, конкретно ДЗСИ беа изнесени во јавноста и за тоа ќе следува соодветна кривична пријава од моја страна веднаш по завршувањето на мојот адвокатски тим со изготвување на кривичната пријава против Сотирова-Бухова“,
нагласи Димитриевски.
По надзорот во Куманово, ДЗСИ тогаш соопшти дека во случајот се утврдени серија прекршувања на законите и процедурите во начинот и условите во кои се земале брисовите на кумановскиот градоначалник и на останатите членови на кризниот штаб, неправењето епидемиолошки анкети, како и транспортот од страна на Итната медицинска помош до приватни лаборатории во Скопје.
Кај градоначалникот Димитриевски беше утврдено дека го прекршил решението за домашна изолација и лекување и го напуштил местото на престој, спротивно на Законот за заштита на населението од заразни болести.
Кумановското јавно обвинителство, пак, донесе решение за отфрлање на кривичната пријави поради тоа што не биле утврдени елементи на сторени кривични дела кои се гонат по службена должност.
Димитриевски случајот го оцени како монтиран случај, а ставот на обвинителството според него е доказ дека немало прекршувања на законите.